Брисел нема најава за блокада на ИПАРД-средствата на кои што сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Како што се наведува во соопштението од МЗШВ, Трипуновски посочи дека веднаш по сознанието односно акцијата која што ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
– Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД-средствата – појасни министерот Трипуновски.
Тој посочи дека во брз период ќе има нов директор на Агенцијата, со цел тековното работење да продолжи со нормална динамика.
– Ние како држава сме решени да ја спроведеме борбата против корупцијата – нагласи министерот Трипуновски.



































