фото: Министерство за одбрана

Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје денеска се одржа свечена заклетва на 29-та класа питомци и слушатели од Курсот за офицери и штабни службеници. Заклетва положија вкупно 59 кандидати – 31 питомец и 28 слушатели. Дополнително, дел од Академијата ќе бидат и пет питомци од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора.

Претседателката Гордана Силјановска – Давкова во своето обраќање на свеченоста го истакна значењето на заклетвата и улогата на идните офицери.

– Вие, преку свечената заклетва влегувате во големото и сплотено армиско семејство, ветувајќи пред сите дека совесно, одговорно и бескомпромисно ќе ги браните македонските уставно гарантираните: самостојност и независност, сувереност и територијален интегритет! Знам дека и за вас, како и за мене, заклетвата не е само одбран збир на патриотски зборови, туку цврст израз на решеност, истрајност, одлучност и верност – истакна таа.

Додаде дека идните офицери стапуваат во редовите на Армијата во време на растечки безбедносни предизвици.

– Како идни офицери на македонската, но и на НАТО-армијата, од вас се очекува да почитувате и да практикувате највисоки професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, асиметрични и хибридни, во различен простор: физички и сајбер. Но, не смеете да ги занемарите или да ги заборавите етичките и моралните вредности, ако сакате да останете луѓе и да бидете личности – порача таа.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски нагласи дека изборот на питомците да бидат дел од Армијата е од особено значење за безбедноста на државата.

– Денеска тука на Воената Академија го одбележуваме почетокот на едно ново поглавје за сите вас – млади, мотивирани патриоти кои избравте да бидете дел од Армијата. Ви честитам затоа што се одзвавте на повикот кој значи чест, одговорност, дисциплина и посветеност во службата. Зголемените безбедносни предизвици и закани на регионално и глобално ниво ја нагласуваат потребата од секој еден од вас, кои ќе ја зацврстите нашата заедничка безбедност – рече тој.

Додаде дека Академијата е симбол на извонредност – високо образовна институција која повеќе од 30 години, како што рече „создава лидери, кои со знаење и патриотизам ја носат одговорноста за безбедноста и стабилноста на нашата држава“.

Деканот на Академијата, полковник проф. д-р Ненад Танески, потсети на традицијата и мисијата на институцијата.

– Денес пред нас е младоста на Македонија, најмладата генерација 29 класа на питомци кои што ја извршија свечената обврска – заклетвата кон татковината. Со овие зборови, вие не само што му се заветувавте на знамето, туку се приклучивте на една вековна нишка на верност, што ја поврзува секоја генерација што се борела за слободата на нашата земја – посочи тој.

Танески нагласи дека Академијата оваа година го одбележува својот јубилеј.

– Воедно, оваа година е посебно значајна за сите нас, ја одбележуваме 30-годишнината од основањето на Академијата. Овој јубилеј не е само бројка – тоа е историја, традиција и континуитет. Тоа е доказ дека нашата Академија расте и се развива заедно со Армијата и државата, но и дека останува верна на својата основна мисија: да создава генерации подготвени да ја бранат и служат на татковината со знаење и чест – рече деканот.

На настанот присуствуваа генерали, високи претставници од Министерството за одбрана и Армијата, претставници од воено дипломатскиот кор како и роднини и пријатели, питомците, студентите и слушателите.