Почујте Македонци, ако Договорот со Бугарија не се раскине денес, при следниот попис во Албанија ќе нема веќе Македонци, па така „пописните гуми“ во соседите држави, потпомогнати пред сè од договорите со Грција и со Бугарија, конечно ќе ги избришат Македонците и во Македонија
Според Варуфакис, три мита го прогонуваат Западот: „(1) митот дека центарот на политичкиот спектар, по дефиниција, е најголемиот противник на екстремната десница, (2) митот дека ‘просечниот гласач’ одлучува за исходот на изборите и (3) митот дека санкциите и трговските царини можат да ги запрат Кина и Русија“.
Меѓутоа, Македонија сѐ уште не му припаѓа на Западот, па трите мита што ја прогонуваат Македонија, според моето мислење, се: (1) митот дека опстојот на западната хегемонија е загарантиран, (2) митот дека договорите се недопирливи, нераскинливи и вечни и (3) митот дека сме колективно, не индивидуално, неспособни.
Првите два мита се должат на преценување: процена дека западната хегемонија и договорите со Западот се поважни отколку што тие навистина се. Тие се несомнено важни, но опстојот на македонството и зачувувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет се, сепак, поважни.
Третиот мит се должи на потценување – материјалните, а не духовните, потреби на Македонците и империјализмот на нашите соседи, ЕУ и САД кон Македонија изразен преку водење хибридни војни, вклучувајќи и промена на историскиот наратив, агресивното влијание врз политиката и економијата на Македонија, за што сме сведоци катадневно, ги направија Македонците ранливи на потчинување, додека, пак, некои од македонските политичари се трансформираат во „кафеави сахиби“ – безрезервно поддржувајќи сè што е европско и американско, а до хистерија мразејќи сè што е македонско.
Трите мита се нераскинливо поврзани, па, така, митот за македонската колективна неспособност ги подгрева другите два мита: привидот дека во закрилата на западната хегемонија Македонија ќе обезбеди заштита и привидот дека договорите со Западот ќе донесат стабилност и опстојување на македонството и македонскиот народ. Ваквиот пристап, од една страна, е целосно погрешен, а од друга страна, што е можеби поесенцијално и покруцијално, од нас прави поданици, полтрони, слуги. Меѓутоа, Западот спрема слугите, особено слугите што „најдобро му служат на кралот“ – на Западот, се однесува, парафразирајќи го Шекспир, прагматично: „Тој ги држи (слугите) како што мајмунот држи орев во аголот на својата вилица; тој најпрво го зема во уста за да го чува, но најпосле го проголтува“.
Тука ќе ги потсетам политичките елити во Македонија на два члена од Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, усвоена од Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година. Членот 3 гласи: „Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет, / – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор, / – споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам“, додека пак членот 6 гласи: „Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност“.
Македонија сѐ уште не му припаѓа на Западот, па трите мита што ја прогонуваат Македонија, според моето мислење, се: (1) митот дека опстојот на западната хегемонија е загарантиран, (2) митот дека договорите се недопирливи, нераскинливи и вечни и (3) митот дека сме колективно, не индивидуално, неспособни
Оваа Резолуција на Собранието на Македонија, сепак, според моето мислење, треба да обврзува, а не којзнае по кој пат и овој официјален документ на Собранието да биде заборавен – третиран како ѓубре. Оттука, тргнувајќи од Резолуцијата, сите можни идни акти и договорите што не се во согласност со Резолуцијата треба да се отфрлат со резигнација, а веќе потпишаните договори што не се во согласност со Резолуцијата не треба да се репреговараат, уште помалку да се спроведат, туку треба веднаш да се раскинат! Таков е Договорот со Бугарија, па затоа порачувам: раскинете го веднаш! Таквиот чекор ќе има трикатна полза: враќање на самодовербата и конечно (досега сè беше привид!) создавање горди Македонци, почитување на Македонците од сите: и однадвор и одвнатре, и праќање силна порака до сите: ние сме суверена држава, а не вазален протекторат. Ако постои документ во Собранието на кој можеме да се повикаме при раскинувањето на Договорот со Бугарија, а новата влада на Македонија ја забошоти Резолуцијата, тогаш надежите на македонската јавност во новата влада на Македонија ќе се распрснат како меур, додека, пак, разочарувањата во однос на можните евентуални политики спротивни на македонството и на Резолуцијата ќе бидат погубни, катастрофални, фатални за Македонија и за Македонците. Почујте Македонци, ако Договорот со Бугарија не се раскине денес, при следниот попис во Албанија ќе нема веќе Македонци, па така „пописните гуми“ во соседите држави, потпомогнати пред сè од договорите со Грција и со Бугарија, конечно ќе ги избришат Македонците и во Македонија.
Македонија досега „најдобро му служеше на кралот“ – на Западот, а фактите зборуваат повеќе од сè. Ако Македонија е најсиромашната држава од државите членки на НАТО, зар беше потребно според трошоците за одбрана како дел од БДП (изразено во проценти), Македонија од 31 членка на НАТО да биде пред (според документ на НАТО објавен во јуни 2024 г.) 20 држави: Норвешка, Бугарија, Шведска, Германија, Унгарија, Чешка, Турција, Франција, Холандија, Албанија, Црна Гора, Словачка, Хрватска, Португалија, Италија, Канада, Белгија, Луксембург, Словенија и Шпанија? Последиците од ваквите неразумни политики можат да бидат катастрофални по македонската економија. Дали имаше потреба Македонија да биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница во ОН? Оттука, реакцијата на претседателот Вучиќ: „Односот на Северна Македонија не е фер затоа што ми се чини дека најмногу вложив во односите со браќата Македонци и тие секогаш ќе бидат наши браќа. Се покажа дека Грција (која беше воздржана) има повеќе ‘рбет од Северна Македонија и тоа е така, го сакале ние тоа или не“. Достоинствена и самостојна надворешна политика многу повеќе се цени од сите (вклучувајќи го и Западот), или, парафразирајќи го Шекспир, тогаш постојат реални шанси мајмунот да не го проголта оревот!
На 28 јуни 2024 г. светски познатата перформанс-уметница Марина Абрамовиќ, внука на српскиот патријарх Варнава, одржа колективен седумминутен молк на најголемиот музички фестивал во Велика Британија, барајќи од 250.000 присутни на фестивалот да се свртат навнатре. Пред настапот, на кој српската уметница беше облечена во бел фустан, којшто, кога таа ги и испружени рацете, се трансформира во знак на мир, таа изјави: „Ги замолувам да молчат и да размислат за состојбата на оваа планета“. На светот му е потребен мир, нам, на Македонците, македонство. Вистинскиот тест со кој денес се соочува Македонија е кристално јасен: соочување со страдањата на моментот, создавање смисла за нашето македонско битие, надоместување на грешките и лошите политики од минатото и враќање на изгубеното – на македонството. „Храброста, сепак, е најдобриот убиец, храброста која напаѓа; ја убива дури и самата смрт, зашто вели: Дали тоа беше живот? Па! Уште еднаш!“ (Ниче во „Така зборуваше Заратустра“). Дали ова досега беше живот? И уште еднаш: дали ова досега беше живот? Дали имаме храброст? Според моето мислење: да – можеме и мораме да го раскинеме договорот со Бугарија!!! А што мислите вие?