Топлите и влажни лета и благите и релативно потопли зими стануваат сѐ почести секоја година, но таквите ненадејни промени на времето и на температурата може да станат ризични и опасни по здравјето на луѓето. Она што се случува во човечкото тело може многу брзо да се претвори во борба за живот
По најавите за нов топлотен бран, лекарите со јасни препораки до граѓаните
Нов топлотен бран ја зафаќа Македонија од денеска, при што предвидувањата на синоптичарите се дека температурите во некои делови од земјата ќе се искачат и над 40 Целзиусови степени.
Од итната медицинска помош уште викендов алармираа за зголемениот број повици кон нив поради големите температурни осцилации, а докторите апелираат во следниот период граѓаните да бидат одговорни и да го сведат престојот на отворено на минимум. Препорачуваат хронично болните да ја земаат предвидената терапија, а другите да избегнуваат физички напор, работа на отворено и секакви други активности бидејќи најголема опасност се колапсите предизвикани од топлотен удар.
Превентивни мерки за спречување топлотни удари
Докторката Емилија Христовска, специјалист по медицина на труд во „Прима-мед“, дел од првата приватна општа болница Ре-медика, објаснува што е топлотен удар и како граѓаните да ги препознаат симптомите за да можат навремено да ги превенираат потенцијалните опасности по сопственото здравје.
– Топлотниот удар е сериозна состојба што најчесто настанува при изложеност на висока температура во комбинација со висока влажност на воздухот. Топлотниот удар е резултат на продолжената изложеност на високи температури, обично во комбинација со дехидратација, што доведува до нарушување на системот за контрола на температурата на телото како резултат на инсуфициенција на терморегулациониот механизам на организам – појаснува д-р Христовска.
Според неа, примарните оштетувања кај топлотниот удар се во централниот нервен систем, а се состојат од мозочен едем, дифузни точкести крвавења и некротични жаришта.
– Се карактеризира со нарушена функција на нервниот систем, со генерализирана анхидроза, односно нарушен е одбранбениот механизам на потење, со што ќе се јави пораст на температура на телото над 40,6 Целзиусови степени. Други клинички симптоми се: забрзан пулс, пад на крвниот притисок, задушување, повраќање, губење свест, напади, нејасен говор, промени во бојата на кожата – или зацрвенета или побледа од вообичаеното – истакнува докторката.
Таа ги наведува сите знаци што можат да им сигнализираат на граѓаните дека можат да се соочат со топлотен удар.
– Предупредувачки рани знаци за појава на топлотен удар се исип по кожата и мускулни грчеви, кои настануваат како резултат на недостиг од електролити. Најголем ризик за појава на топлотен удар постои при извршување физичка активност на висока надворешна температура, недоволно внесување течности со појава на дехидратација и несоодветна облека, која оневозможува изладување на телото. Топлотниот удар може да резултира со сериозни компликации врз виталните органи, мозокот и срцето, како и појава на смртен исход.
Топлотниот удар е опасен по живот и бара итен медицински третман. Првата помош при појава на топлотен удар се состои во изладување на телото со ладна вода или со ладни облоги, да се овозможи соодветно ладење на телото, внесување течности и соодветна стручна медицинска помош, со цел да се спречи настанување компликации, односно оштетување на виталните органи, срцето и мозокот – нагласува докторката Христовска.
Таа уште сугерира кои мерки да се преземат за да се превенира појава на негативни здравствени ефекти при изложеност на високи температури.
– Во услови на високи надворешни температури потребно е да се носи тенка и светла облека, доволно да се внесуваат течности, со што ќе се овозможи соодветен процес на перспирација (потење) и ќе се одржува нормална телесна температура, да се избегнува консумирање алкохол и кофеин, да се избегнуваат престој и вршење физичка активност во најтоплиот период од денот, особено треба да бидат внимателни лицата со хронични заболувања, кои треба редовно да ја земаат соодветната терапија – порачува д-р Емилија Христовска, специјалист по медицина на труд во „Прима-мед“.
Промената на климата влијае врз зачестените топлотни бранови
Топлите и влажни лета и благите и релативно потопли зими стануваат сѐ почести секоја година, но таквите ненадејни промени на времето и на температурата може да станат ризични и опасни по здравјето на луѓето. Она што се случува во човечкото тело може многу брзо да се претвори во борба за живот. Изложувајќи ги учесниците на екстремна топлина за да видат како нивните тела ќе се приспособат и ќе се справат со таквите услови, истражувачите открија дека крајната линија пред да се појават здравствени компликации, како што се болест, па дури и смрт, е неколку степени пониска отколку што се мислеше. Нормалната телесна температура во мирување е обично околу 37 степени, што е само четири степени пониска од топлотен удар, а температурата од 40 степени и повеќе го става лицето во смртна опасност.
Топлината убива на неколку начини, а најчест е топлотниот удар што предизвикува температурата на телото да достигне критична точка што доведува до откажување на внатрешните органи. Кога температурата на телото ја надминува границата на нормална и безопасна, телото го пренасочува протокот на крв во кожата за да ја олади, но токму оваа пренасочување ги пренасочува крвта и кислородот подалеку од желудникот и цревата, отворајќи ја вратата за токсините, кои вообичаено се ограничени на цревната област, да истечат во циркулацијата, што автоматски доведува до смрт.
Луѓето што страдаат од кардиоваскуларни болести се особено загрозени. Срцевите напрегања се случуваат слично на топлотниот удар, крвта го менува протокот на кожата за да го олади телото и предизвикува пад на крвниот притисок, на што срцето реагира со обид да испумпа повеќе крв за да го спречи лицето да се онесвести.
Третата, но не и последната, е дехидратација. При високи температури, луѓето се потат повеќе од вообичаено, а со тоа губат течност од телото до таа мера што таквата загуба може да има сериозно влијание врз бубрезите. Повеќето луѓе дури и не забележуваат дека се во опасност. Дехидратацијата предизвикува шок што ги исклучува органите поради недостиг од крв, кислород и хранливи материи, што доведува до мозочен удар и на крајот смрт. Н.М.