Фото: Маја Јаневска Илиева

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) останува на ставот дека не само минималната, туку и воопшто платите во Македонија треба да се зголемат. Како што изјави денеска претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, земјава е една од државите во регионот со најниска и просечна и минимална плата, а спротивната страна, Владата или работодавачите, нема слух за сериозен исчекор.

– Работниците во Македонија се најниско платени на Балканот, а да не зборуваме за Европа. За жал, ние сме една од државите во регионот која има најниска и просечна и минимална плата. Не гледаме слух од спротивната страна, од Владата или работодавачите да направат некаков сериозен исчекор, иако слушнавме дека во Србија од 1 октомври минималната плата ќе биде 500 евра, онолку колку што бара ССМ во Македонија, а од 1 јануари ќе изнесува 550 евра. Веќе и со повисока плата од онаа што ја бараме работниците, за жал, заминуват од земјава, но не само заради платите, туку и незадоволни од условите во кои живееме – истакна Трендафилов пред конференцијата на Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ) по повод јубилејот 20 години постоење.

Тој напомена дека продуктивноста треба да се таргетира само преку една работа – зголемување на платите.

– Нашите работници во Црна Гора, Словенија, Германија, Србија, Хрватска, Аврстија се продуктивни зашто таму платите се три до четири пати повисоки од нашите – рече Трендафилов, додавајќи ако работодавачите планираат да не ги плаќаат работниците како што го прават тоа денес, не може да очекуваат зголемување на продуктвноста.