Фото: МИА

Македонија моментално не е загрозена од екстремизам и тероризам, изјави Павле Трајанов, национален координатор за справување со насилен екстремизам и борба против тероризмот, но се следи состојбата во однос на радикализацијата и поттикнувањето на екстремизам, по разни основи.

Според Трајанов, клучен е етничкиот национализам што, како што вели тој, на разни начини го поттикнуваат партиите, и тоа се потврдило со неодамнешните инциденти со знамињата.

– Присутни се обиди за поттикнување на верскиот радикализам но, тие не се толку загрижувачки. Клучен е етничкиот национализам. Генерално Македонија моментално не е загрозена од екстремизам и тероризам – изјави Трајанов за МИА.

Тој нагласува дека будно се следат сите сегменти и дека како прв човек во Националниот комитетот, координира вкупно 22 државни институции кои се вклучени во имплементацијата на Националните стратегии за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.