Фото: Принтскрин

На денешен ден се навршува една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која згаснаа многу млади животи, а голем број лица беа повредени. Проф. д-р Андон Чибишев на својот Фејсбук-профил истакна дека денот на несреќата и наредните триесетина дена биле меѓу најтешките периоди во неговата докторска кариера.

Тој посочи дека на Универзитетската клиника за токсикологија биле хоспитализирани околу дваесет пациенти со тешка клиничка слика поради акутно труење со отровни гасови, а во наредниот период низ клиниката поминале и голем број други пациенти кои биле присутни во дискотеката таа вечер, пренесе МИА.

Според Чибишев, благодарение на професионалната, стручна и посветена работа на целиот персонал, пациентите биле стабилизирани и денес се со своите семејства.

Тој упати благодарност до вработените на Клиниката за токсикологија, како и до сродните клиники и институции кои во тој тежок период обезбедиле логистичка и стручна поддршка.

-Бог да ги прости сите што ги изгубија животите. Господ да им даде сила на сите што изгубија блиски во несреќата да продолжат понатаму. Никогаш повеќе да не се повтори – напиша Чибишев.