Фото:МИА

Македонското друштво „Сонце“ продолжува со промоција  на македонски традиционални носии, во чии рамки претседателот на друштвото Васил Стерјовски денеска беше во Гимназијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ во Пустец.

Учениците и професорите на училиштето ги запозна со машките носии од Преспа, како и со брошурата за народните носии, чиј автор е токму Стерјовски, при тоа посочувајќи дека со „гордост го претставуваат ова достигнување за нашиот, македонски идентитет“.

-Македонската заедница во регионот Корча го зачува своето јазично и културно наследство со посветеност и достоинство. Регионот на Преспа, со девет села во рамките на општина Пустец и селото Врбник во општина Девол, претставуваат историски центар на оваа домородна заедница, официјално признаена од страна на албанската држава – рече меѓу другото Стерјовски.

Според него и покрај политичките, социјалните и економските предизвици низ годините, оваа заедница остана „верна на својот јазик, традиции, религиозни обреди, фолклор и вредности наследени од генерација на генерација“.

Додаде дека традиционалната македонска носија на Преспа е одраз на занаетчиството, единствената естетика и длабоката духовна симболика.

 

Таа, нагласи,  не е само облека, туку знак на идентитет и гордост, симбол кој добива целосно значење кога маж и жена се прикажани облечени заедно, одразувајќи го семејното единство, социјалната хармонија и континуитетот на преспанската традиција.

-Традиционалната народна носија за мажи во Преспанскиот регион што ја презентираме денеска претставува драгоцено културно наследство, каде што секој елемент носи специфична функција и симболика. Оваа носија, која беше речиси изгубена во областа, е пресоздадена благодарение на проучувањето на стари фотографии и консултациите со експерти од областа, враќајќи ја во нејзината оригинална форма што се користела сè до по Втората светска војна – нагласи Стерјовски.

Потсети дека минатата година, Македонското друштво „Сонце“ репродуцираше четири женски народни носии од областа на Преспа, кои сега ги користи фолклорна група на Преспа.

-Со додавањето на четирите машки носии што ги претставиме денеска, се создава комплетна фолклорна група, која достојно ќе го претставува Преспанскиот крај во разни активности дома и во странство – истакна Стерјовски.

На настанот присуствуваа и се обратија и заменик градоначалникот на Општина Пустец, Атанас Плоча, директорот на гимназијата Трајан Вангеловски како и Лазо Стојани, раководител на фолклорната група „Преспа“ кои искажаа благодарност, како што рекоа, за оваа активност чија цел е зачувување на еден важен сегмент од македонското културно наследство, истакнувајќи ја убавината на македонската народната носија што ја придружува македонската заедница со генерации.

Промоција на македонските народни носии од Преспа, во саботата беше одржана и на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча.