НУ Библиотека „Григор Прличев“ со традиционалната „Прличева визита“ ја одбележи 132-годишнина од смртта на патронот
Духот на Григор Прличев сè уште e жив преку неговото дело. Охриѓани се посебно горди на поетот и преродбеник, кој во многу нешта го наследил Свети Климент, а учел и се дружел со Миладиновци, беше порачано на денешното одбележување на 132 години од смртта на патронот.
По изведбата на култните стихови од поемата „Сердарот“ во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, обраќање имаше в.д. директорката на Христина Трпеска, која истакна дека националната установа оваа година одбележува 75 години откако го носи името на големиот поет и преродбеник Григор Прличев.
– Почетоците на библиотечната дејност во Климентовиот и Прличев град датираат многу одамна, уште од 19. век, кога охридскиот терзија Ангел Групчев, за кого Прличев рекол дека е „тогаш најучениот маж“, во својот дуќан во охридската чаршија, отворил читалиште кое привлекло големо внимание и предизвикало интерес кај граѓаните.
Патрониот празник на библиотеката е токму денешниот 6 февруари, денот кога починал Прличев. Годинава се навршуваат 132 години од смртта на патронот. Од 1952 година библиотеката токму на овој ден ги организира „Прличевите беседи“ и ја одржува традиционалната Прличева визита – рече Трпеска.
Оваа година минува во знакот на уште два други датуми, 195 години од раѓањето на Прличев и 160 годишнината од изборот на поемата „Сердарот“ за најдобра на конкурсот во Атина.
– Нашето мото оваа 2025 година е „Чувај се себеси“, како што одамна рекол Прличев. Итаме кон нови годишнини, јубилеи и успеси – рече Трпеска.
Присутните со посебно внимание го одгледаа видео-интервјуто со проф. д-р Георги Сталев–Поповски, првиот препејувач на поемата „Сердарот“ во форма на стих на македонски јазик. Со д-р Сталев разговараше м-р Милчо Јованоски.
Беседата „Ние и Прличев“ од проф. д-р Александра Ѓуркова ја прочита професор Марија Стрезовска. Александра е потомок на Прличев по ќерка му Деспина, исто како и нејзината мајка Лилјана Минова – Ѓуркова таа е македонист, лингвист и искрен продолжувач на делото на својот славен предок, вториот Хомер. Таа во својата беседа специјално напишана за денешниот настан вели оти нема сомнение дека да се биде еден од потомците на Григор Прличев, дел од семејството, претставува безмерна чест и радост.
– А, истовремено ме исполнува и со огромно чувство на долг кон ликот на Григор Прличев и кон целото семејство. Ќерката на Григор Прличев, Деспина Прличева, нашата прабаба (моја и на мојот брат Игор) била исклучително силна жена и е целосно заслужна за сочувувањето на еден значаен дел од оставината на Григор Прличев, која потоа и со помош на нашата баба, Ружа Попсимова Минова, била предадена за обработка и чување во архивот на МАНУ. Нашата мајка, Лилјана Минова-Ѓуркова преку целиот свој научен опус во македонската лингвистика ѝ се посвети целосно на македонистиката, притоа имајќи ги како главен двигател сите Прличеви стремежи и идеали. Мојата насоченост кон изучувањето на класичните јазици, на старословенскиот и црковнословенскиот јазик ми понуди значајна основа кон изучувањето на делата на Григор Прличев, пред сè на преведените Хомерови епови, на неговата „Кратка словенска граматика“, на неговите беседи и сл. Всушност, со времето се покажува дека истражувањеот на Прличевите дела секогаш изобилуваат со инспирација – вели д-р Ѓуркова.
Трпеска на двајца пријатели на библиотеката им врачи пригодни признанија за нивната континуирана соработка и поддршка. Академик проф. д-р Миле Д. Миќуновиќ има 126 книги најголем дел од областа на медицината, но и популарни во чија срж е човекот, природата преточена и преку фотографии најчесто од Охрид. Доктор Зоран Тунтев е редовен професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Тој е познат туристички водич но и хуманитарец.
Настанот продолжи со доделувањето на наградата од третиот по ред Конкурс за најдобра беседа на млад автор до 30 години на тема: „Чувај се себеси“. Жирито за најдобра ја прогласи истоимената поема, дело на младата Ева Ивановска од Делчево. Љубинка Михајловска во името на комисијата рече: „Младата Ева Ивановска зрело размислува за соочувањето на младите со сите притисоци од пријателите, од социјалните мрежи, од очекувањата на другите, притисоци кои не се во согласност со личниот живот и кои наметнуваат да не бидеш она што си. Но, со своја сила и потенцијалот што го носат, таа порачува да не се дозволи негативноста да надвладее“. Со наградата, ваучер од 9.000 денари и посебно признанае, Трпеска на добитничката ѝ посака уште успешни творечки денови.
Традиционално, „Прличевата визита“ заврши со локум, суво грозје, леблебија и охридска староградска песна.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ беше финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.