Фото: Нова Македонија / Илустрација

КОЛКУ Е ПОДГОТВЕНА МАКЕДОНИЈА ПРЕД НАДОАЃАЊЕТО НА ПЕРИОДОТ НА ЕКСТРЕМНО ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ

Со оглед на тоа што постои најава за реално надоаѓачки бран на високи температури од Средоземјето, тоа значи дека најавените временски екстреми не можат да нѐ изненадат. Во таквиот контекст, алармот за екстремно високи температури веќе е вклучен и ние се обидовме да дознаеме од сите надлежни институции колку се подготвени да се справат со топлотниот бран што доаѓа, а наедно и што да очекуваат граѓаните во деновите што следуваат…

Полека но сигурно, на територија на Македонија ни пристигнува високиот топлотен бран, кој ќе донесе температури и до 40 степени. Тоа претставува знак за тревога за надлежните институции, кои, по правила на нештата, треба да бидат во првите борбени редови со негативните последици што ги носат екстремно високите температури. Секое лето насекаде во светот, па и кај нас, носи шумски пожари, пожари во урбаните средини, но и колабирања на граѓаните што не ги почитуваат препораките од докторите. Со оглед на тоа што алармот е веќе вклучен, а најавените временски екстреми не можат да нѐ изненадат, се обидовме да дознаеме од сите засегнати институции колку се подготвени да се справат со топлотниот бран што доаѓа.

БРЗАТА ПОМОШ Е ПОДГОТВЕНА, ИАКО СЕ НАДЕВА ДЕКА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ БИДАТ ПОВНИМАТЕЛНИ, ПоРАДИ ОГРАНИЧЕНИТЕ КАПАЦИТЕТИ ЗА БРЗА РЕАКЦИЈА

Граѓаните веќе добија препораки од лекарите како да се однесуваат за време на првиот африкански бран за ова лето. Препораките од докторите се речиси секогаш идентични. Да не се носи темна и дебела облека, да не се излегува на отворено во периодот од 10 до 17 часот, да се користат заштитен фактор и заштита на главата и очите, да се пие многу вода, да не се консумира алкохол и да не се внесува тешка и масна храна.

Но секоја година, докторите, а особено екипите на брзата помош се соочуваат со хаос во овој период од годината, бидејќи граѓаните, за жал, не ги почитувале препораките.

За среќа, од брзата помош велат дека се подготвени, иако потенцираат дека очекуваат граѓаните да ги почитуваат препораките, по толку години апелирање.
– Најчесто граѓаните се соочуваат со колапси како резултат на неприспособена температура. Влегување или излегување на топло или на ладно од или во климатизирана просторија. Голем удел има и носењето несоодветна облека. Ние сме подготвени, но се надеваме дека граѓаните ќе ги следат препораките – истакна раководителката на службата за итна медицинска помош во Скопје, Милица Бубало.

ЦРВЕНИОТ КРСТ ВЕЌЕ ГИ РАСПОРЕДУВА ТИМОВИТЕ

И од Црвениот крст веќе ги активираа мобилните тимови, кои уште од утре ќе бидат низ улиците во Скопје, со цел да им се излезе во пресрет на оние лица што ќе бидат надвор од своите домови.

– Ќе имаме мобилни тимови за дистрибуција на вода, транспорт доколку е потребен, мерење крвен притисок, давање прва помош. Во согласност со информациите од УХМР ќе активираме пет мобилни тимови со по четири лица во еден тим. Дваесет волонтери ќе работат секој ден до вторник, во периодот од 11 до 17 часот- информираа од Црвениот крст.

Оттаму додаваат дека ќе се реорганизира и пунктот за бездомните лица. И тука ќе има мобилни тимови што ќе ги следат корисниците на нивните услуги, со цел да ја зголемат медицинската нега, доколку корисниците имаат потреба.
– На Водно и на Матка ќе имаме поставено планинско спасителни станици, односно тимови што ќе работат за време на викенди и државни празници, со зголемен број волонтери, со оглед на тоа што луѓето, бегајќи од жештините, поголемиот дел од времето ќе го минуваат на планините. И овие тимови се остручени да дадат прва помош, да понудат вода или, пак, да ги транспортираат луѓето – информираат оттаму.

ОД ТРИТЕ АВИОНИ, ЕДЕН Е ПОДГОТВЕН ЗА ЛЕТАЊЕ, ДРУГИТЕ ДВА СЕ НА СЕРВИС

Дирекцијата за заштита и спасување можеби ја игра една од најважните улоги во време на екстремно високи температури од кои произлегуваат шумски пожари. Тие се одговорни за нивно гаснење и под нивна управа се и трите канадери, односно, авионите што ги гаснат пожарите на тешко пристапни терени. Оттаму велат дека се подготвени за претстојниот период.

– Дирекцијата за заштита и спасување располага со осум тима во осум региони во Македонија. Тоа се тимови за брз одговор, подготвени да реагираат за два-три часа максимум. Секој тим располага со теренско возило, со пумпа и водна резерва од 400 литри. Секој тим е составен од осум до десет лица што се обучени за гасење пожари – информираат оттаму.

Како што велат, од трите авиони за гасење пожари, подготвен за летање е само еден, но набрзо и другите два ќе бидат подготвени.
– Од трите авиони, подготвен за летање е само еден, а другите два се на сервис. Едниот од нив ќе биде подготвен за летање неделава, односно ќе биде донесен околу 16/17 јули, а вториот ќе биде подготвен за користење на крајот на месецот, некаде околу 25 јули – информираа оттаму.

ПОЖАРНИКАРИТЕ СЕКОГАШ СЕ НА ГОТОВС, СО РЕСУРСИ ШТО ИМААТ ДЕФИЦИТ ОД КАДАР И МЕХАНИЗАЦИЈА

Пожарникарите се исто така битна алатка во борбата со огнените стихии, кои секое лето ѝ се случуваат на земјава. И тие велат дека се подготвени да се борат со огновите, иако ги има во мал број.
– Пожарникарите се секогаш подготвени да одговорат на предизвиците. Топлото време најчесто носи пожари во урбаните средини, но и во шумските подрачја. Се надеваме дека оваа година ќе нѐ одминат оние големи пожари што нанесуваат сериозни штети на шумските пространства имајќи предвид дека тие го одземаат најголемиот дел од човечкиот потенцијал во противпожарните служби, кои би требало во нормални услови да се ангажирани исклучиво во справување со урбани пожари. Апелираме, граѓаните особено во периодите на топлотните бранови да ги зголемат своето внимание и претпазливост и да го земат предвид фактот дека на зголемени температури пожарите настануваат многу полесно и нивното гаснење е отежнато – вели Тони Бошковски, пожарникар и претседател на Синдикатот на пожарникарите.

Тој, за жал, констатира дека Македонија има сериозен недостиг од пожарникари, но и од нови современи возила, со кои многу побрзо пожарникарите ќе можат да одговорат на предизвиците.
– Во Македонија има околу 900 пожарникари. Според законот за пожарникарство, треба да бидат 1.300. Само во Скопје недостигаат 200. Ако на ова додадеме дека имаме застарен возен парк, нема специјални возила за шумски пожари, нефункционални се силите за гаснење на шумски пожари составени од Национални шуми како и некоординираност со Дирекцијата за заштита и спасување, тогаш ви е појасна сликата. Сепак, се обидуваме да ги надминеме ваквите состојби една по една и да одговориме на сите предизвици – нагласува Бошковски.