Владата издвои почетни 30 милиони денари од резервите на Буџетот на државата, како првична помош и поддршка на повредените во пожарот во Кочани, што беа наменети за транспорт на 201 пациент до болниците во странство и враќање во државата, како и за престојот на нивните блиски кои им беа придружба, нагласи директорот на Службата за и општи и заеднички работи, Ивица Томовски на панел дискусијата „Кочани е нашиот приоритет“ што денеска се одржа во Владата.
-За седумте пациенти, кои сѐ уште се на лекување во странство, се покриваат трошоците за сместување и се надеваме наскоро тие ќе се вратат. До овој момент се потрошени околу 21 милион денари, но тоа не значи дека тука завршуваме. Државата стои на располагање сѐ до оној момент додека не добиеме јасна слика, да ги вратиме пациентите во Македонија и да ги излекуваме до крај – истакна Томовски.
Тој се осврна и на соработката со Црвениот крст, и истакна дека Владата се придружила на донаторската сметка на Црвениот крст.
-Се придруживме на донаторската сметка на Црвениот крст и им пруживме помош на пациентите кои се лекуваа и во странство и во домашните болници, подвлече директорот на СОЗР – Томовски.
Тој упати благодарност до министерствата за надворешни работи и за одбрана кои во периодот по трагедијата во Кочани беа логистичка поддршка за транспорт и сместување на повредените во болниците во странство.