Фото: МИА

„Титан Усје“ соопшти дека повеќе од седум децении работи како одговорна компанија, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и реализацијата на инфраструктурни проекти, вклучително болници, брани и патна инфраструктура.

Од компанијата наведуваат дека внимателно ја следат јавната дебата за животната средина и активно придонесуваат со транспарентни информации.

 – Работиме согласно европската регулатива и применуваме стандарди идентични со оние во Европската унија – информираат од компанијата, додавајќи дека целосно ги почитуваат сите законски и подзаконски прописи, како и условите од А-интегрираната еколошка дозвола.

Според соопштението, емисиите се следат преку 24-часовен независен мониторинг, а податоците се јавно достапни и редовно доставувани до надлежните институции и медиумите. Дополнително, редовните и ненајавени инспекции не утврдиле надминување на дозволените граници.

Компанијата посочува дека и апликацијата за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола до Министерство за животна средина и просторно планирање е целосно усогласена со законските барања и европските стандарди.

Како дел од „Титан Групација“, „Титан Усје“ нагласува дека ги применува најдобрите меѓународни практики и ESG стандарди, со цел долгорочна заштита на животната средина, вклучување на заедницата и одговорно корпоративно управување.