Тиквешките џоломари се подготвени за утрешното бркање на лоши духови, со клопотарци и страшни маски, долгогодишна традиција на секоја Василица, рекоа денеска за МИА, џоломарските групи од неколку села.
– Со страшни маски и клопотарци врзани околу половините правејќи врева, џоломарите од тиквешките села низ ритуали со драмски и комични елементи со магиски дејства, бркаат лоши духови. Во џоломарската дружина се главно петнаесетина мажи со наметки и ќулафки, панталони шајачки, гумени опинци, волнени чарапи, со кожни ремени околу половината со 10-15 клопотарци и ѕвонци тешки над 15 килограми, мустаќи и брада од волна, вештачки грпки. Лицата им се исцрнети и маскирани со саѓи од огништата. Со себе носат реквизити како кросно од разбој, дрвени стапови заоблени на едниот крај, патерици, рачки од рало, лејки, кои означуваат стремеж за зголемување на плодноста и благослов за бериќет и општа благосостојба во новата година. Жени не учествуваат – појаснија организаторите.
Целата своевидна драма под отворено небо започнува вечерта на 13 јануари, кога сретсело се палат огнови на кои се собира и старо и младо. Утредента се облекуваат маските. Меѓу џоломарите ќе забележите зет и невеста, дедо и баба, поп. Се прави обредна игра со врева со која се бркаат сите сеништа. Има и времени полови симулации врз невестата. Тука е и симболичното ударање со стапови по задникот на случаен избраник, кое треба да му донесе среќа, а тој дава по некоја пара за благослов. Потоа, џоламарите со накитено магаре коледуваат од куќа во куќа и добиваат најразлични подароци во храна, која подоцна се јаде на заедничка гозба – објаснуваат џоломарите од Бегниште.