Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во продолжение на денешното рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеше и Оли Нешковиќ, сестра на обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на убиеното девојче.

Таа објасни дека за исчезнувањето на девојчето била информирана од својата мајка, по што наредните денови секој ден била во домот на Зорица.

-Сите бевме во паника, знаевме сите до еден, тврдевме дека Вања самоволно не си заминала. Дека не си отишла самоволно, сакавме да веруваме дека си отишла, затоа што полицијата цело време го наметнуваше тоа. Јас посочив дека Вања не си отишла самоволно, Владимир се викаше инспекторот, му посочив дека Вања немало причина самоволно да отиде, не знам дали сум употребила киднапирана збор ама знаев дека не си отишла самоволно – сведочеше тетката.

Таа појасни дека секој од присутните помагал на свој начин за да се пронајде Вања.

– Јас немам Фејсбук, Зорица објави таму. Деверот во договор со син ми има контактирано детективска агенција од Босна која се занимава со такви работи, но од таму им посочиле дека немале ингеренции за тоа тука. Најде син ми формулар од американска амбасада, за сателитски снимки, Илон Маск да се контактира. Да имав број на Бајден и на Бајден ќе се јавевме. Братучедка контактираше со американска и британска амбасада, јас имам пријател во МНР, стрина и на Зорица била кај јасновидец дури во Србија, значи сите ја баравме – сведочеше сестрата на Александар.

Таа раскажа и за улогата на Гоце, кој е старо кумство на фамилијата Ѓорчевски, кој дошол на помош и имал клучна улога во прегледувањето на снимките. Тој го лоцирал ,,цитроенот”, со кој била грабната Вања, а бил на убиениот Панче и прв алармирал дека возилото е сомнително.

-Мајката на Гоце, Кираца се јавила на Зорица за број од Александар, и таа ја известила, по што дошол да помогне. Гоце рече дека возилото е сомнително и сите се сложивме. Потоа на интернет пронајде дека по возилото се трага и е на исчезнато лице – рече Нешковиќ.

На прашање на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо до сестрата на Александар, дали била прашана од полицајците, дали има сознанија дека тој бил во врска со мајката на Вања, таа одговори дека ја прашале, но таа одговорила дека нема такви сознанија.

За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски Палчо како првообвинет, и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

Сите обвинети за овие сурови злосторства се изјаснија дека се невини.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.