Стратешки дијалог Скопје-Вашингтон: Некои прашања што би можеле да бидат земени предвид на македонската агенда при разговорите
На 7 април, македонската владина делегација предводена од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, заедно со министрите Панче Тошковски, Владо Мисајловски, Стефан Андоновски и Сања Божиновска, ќе седне на маса со американската администрација во Вашингтон.
Ова не е само дипломатски настан туку ретка можност за конкретни договори што директно ќе се почувствуваат дома. Иако без сомнеж нашите министри здраво ќе се подготват за стратешкиот дијалог, не пречи и мислењето на експертската јавност, вклучително и размислувања и прелози на нашата редакција за тоа што би можело да се отвори како поле на наш интерес и фокус и што би било добро за да се бара да се добие како одговор.
Безбедност и одбрана:
гаранции, не само
декларации од нивна страна
Во ресорот одбрана, во контекст на војната во Европа и зголемените безбедносни ризици, делегацијата би можела да се обиде да оди подалеку од општи изјави за партнерство. Клучни прашања би можеле да се отворат и за тоа:
• Дали САД се подготвени за долгорочно воено присуство или ротации во регионот?
• Каква конкретна воена помош и модернизација може да добие Македонија (опрема, обука, технологии)?
• Дали постои можност за засилена разузнавачка, па и контраразузнавачка соработка во реално време, поради тоа што има индикатори и дека рецидивите од етношовинизмот и милитаризмот сѐ уште се присутни во Македонија и се обидуваат на насилен начин да го променат карактерот на унитарна Македонија?
Што треба да се има предвид?
• Јасен петгодишен или 10-годишен план за модернизација на армијата
• Пристап до напредни НАТО-компатибилни системи
• Поддршка за справување со хибридни закани (сајбер+дезинформации)
За јавноста: најинтересно би било дали Македонија ќе добие нешто опипливо – нова опрема, инвестиции во бази или, пак, инвестиции во одамна ветените инфраструктурни објекти (мостови, вијадукти, па и железница), како и зголемена безбедносна гаранција.
2. Внатрешна безбедност: борба против криминалот и корупцијата
Ресорот внатрешни работи е поле каде што САД традиционално имаат силно влијание.
Клучни прашања би можеле да се отворат и во врска со тоа:
• Дали САД ќе поддржат конкретни истраги против висока корупција?
• Што натаму со лицата и компаниите што се ставени на црната листа и дали специјализираниот тим што беше најавен дека ќе дојде има веројатност директно да соработува со нашите истражни органи (или можеби со новите човечки ресурси во нашето државно јавно обвинителство?)
• Како може да се подобри следењето на финансискиот криминал и перењето пари?
• Дали Македонија може да стане дел од пошироки регионални безбедносни иницијативи?
Што би требало да биде поле на побрза операционализација на соработката?
• Техничка и оперативна поддршка од агенции како ФБИ
• Пристап до меѓународни бази на податоци и алатки
• Програми за обука на полицијата и обвинителството
За јавноста би било интересно доколку се добие помош за решавање т.н. големи случаи со епилог, а не само политички изјави од досегашните американски дипломати.
3. Дигитална трансформација: од стратегија до реални системи
Што се однесува до ресорот за дигитализација, јасно е дека Македонија заостанува во дигиталните услуги, но токму тука САД можат да предизвикаат најбрз ефект.
Клучни прашања може да бидат:
• Дали американски компании ќе инвестираат во е-влада и дигитална инфраструктура?
• Како да се забрза сајбер-безбедноста на институциите?
• Дали Македонија може да стане регионален ИТ-хаб со поддршка од САД?
Што треба да се побара:
• Конкретни партнерства со компании како „Мајкрософт“ или „Гугл“
• Инвестиции во центри за податоци и во т.н. клауд-инфраструктура
• Програми за задржување млади ИТ-кадри
4. Енергетика, енергетска сувереност и независност од влијание на кризи
Ресорот енергетика, односно енергетската безбедност, е еден од најкритичните точки за државата.
Клучни прашања тука би можеле да се отворат во врска со следново:
• Дали САД ќе поддржат наш енергетски суверенитет како мала земја и држава во развој?
• Како поддржувачи на нуклеарната енергија, дали може да сметаме на поддршка во врска со мали модуларни нуклеарни реактори, кои ќе обезбедат енергетска стабилност за Македонија и нашето стопанство?
• Каква е можноста за поддршка во други енергетски ресурси за производство на енергија: од либерализација на базното производство со американско влијание врз Брисел за привремено проширување на рамката, па сѐ до поддршка на други видови и начини на производство како когенеративните централи, хидроцентрали и динамизирање на инвестициите во обновливи извори (сонце, ветер)?
• Дали Македонија може да влезе во регионални енергетски проекти под американска поддршка, вклучително да им се образложи нашата нова енергетска стратегија?
Што треба да се побара:
• Финансиска поддршка преку американски фондови
• Технологија за енергетско реструктурирање, во смисла на нови технологии и транзиција
• Поддршка за намалување на зависноста од увоз
5. Економија и трговија: повисоки инвестиции, не само декларации
Овој предизвик за разговор е пресек на сите ресори, што е можеби најважниот сегмент за граѓанскиот, односно јавниот интерес.
Клучни прашања:
• Зошто американските инвестиции во Македонија се релативно ниски?
• Дали САД ќе понудат специјални програми за инвестиции за кои имаме и ресурси да понудиме, од кои еден е светски уникатен, за кои самите Американци беа живо заинтересирани уште за време на СФРЈ (Алшар и лорандитот како критичен минерал)
• Како да се зголеми извозот кон американскиот пазар?
• Како да се забрза операционализацијата на обострано прифатливата идеја за Договорот за слободна трговија и како може полека да се отстранат нивните административни пречки за тоа?
За што би требало да се отворат иницијативи?
• Конкретни инвестициони проекти (индустрија, ИТ, енергетика, воена инфраструктура – Криволак)
• Поддршка за македонски компании да влезат на американскиот пазар
• Намалување на трговските бариери
• Намалување на визните бариери
Испит за нашата политичка зрелост пред САД како стратешки партнер
Овој стратешки дијалог е повеќе од дипломатски протокол, тој е најпрвин исчекор дека македонската влада може да преговара прагматично и резултатски.
Би бил дополнителен исчекор во таа насока доколку делегацијата се врати со: изразена политичка волја оттаму за освежување на стратегиското партнерство во смисла на укажување (а и заложби) на САД против опструкциите што ги прават нашите соседи со политиките за деноминација на македонскиот народ и државата и дека таквите политики се неспоиви со суверенистичката идеологија на новиот Вашингтон и на претседателот Трамп.
Исто така, би била историски успешна првата посета за пробивање на мразот доколку се конципираат кроки контури за договори или најава за инвестиции, временски рамки итн.
Со спортски речник, навистина, Македонија влегува да атакува веќе во шеснаесетник и би било добро дипломатскиот и политичкиот пресинг да продолжат. Шансата е пред нас и треба да ја фатиме со двете раце. Н.М.
































