Фото: Маја Јаневска Илиева

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени. УВ-индексот ќе има вредност 10.

Во Скопје сончево и многу топло. Минималната температура ќе се спушти до 21, а максималната ќе достигне 41 степен.

Според прогнозата на УХМР, во наредните денови ќе се задржи сончево и многу топло време со максимална дневна температура која насекаде ќе биде над 30 степени, а наместа ќе надминува 40 степени, поради што до крајот на работнава седмица ќе биде активно портокаловото ниво за опасност од високи температури.

– Во петок и за време на викендот во попладневните часови ќе има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер и дневната температура ќе биде во постепено опаѓање – соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Од Институтот за јавно здравје препорачуваат граѓаните во овие екстремно топли денови со себе да носат шише вода, да имаат лесна, светла и комотна облека, да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло, да се носи капа, шешир или чадор за заштита, доволно да се спие, да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.

Надлежните советуваат активностите на отворено да се спроведуваат пред 11 и по 17 часот. При престој на отворено, да се биде во сенка. Доколку се престојува во затворен простор со вклучено ладење од клима-уред, препорачливо е да се исклучи климата барем половина час пред да се излезе надвор на топло.

Поради топлотниот бран што ја зафати земјава, Владата одлучи бремените жени и лицата над 60 години до четврток да бидат ослободени од работа.

На работодавачите им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот, а на градинките да не се изнесуваат децата надвор во тој период од денот.