фото: Влада

Во ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија во Скопје попладнево имаше промоција на техничка надградба на хибридна сала за ендоваскуларен третман на пациенти, како што беше соопштено од надлежните, сега опремена со дополнителна современа опрема, единствена во регионот – нагласено, каде на едно место ќе може да биде извршена дијагностика.

На промоцијата, покрај директорот Дејан Димитровски, присутни беа и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу, како и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

– За мене претставува навистина, пред сѐ, чест, а потоа и задоволство, да можам да бидам заедно со овие луѓе позади мене, со министерот, со директорот на Фондот, со директорот на клиниката, со сите овие доктори, професори, академици, луѓе коишто работат од медицинскиот персонал, сите оние луѓе коишто имаат своја заслуга за ова што денеска ние го видовме. А, тоа што денеска го видовме е нешто што можеме ние да го видиме овде во Скопје, во Клиничкиот центар, во зградата на Кардиологија и Кардиохирургија, но, тоа не можат да го видат клиниките во Белград, во Загреб или во Љубљана, на пример. И треба да сме среќни и ваков тип на проекти треба да поздравуваме, затоа што пациентите тоа што можат да го добијат во Македонија, не можат да го добијат да речеме, пациентите во Белград, Загреб и Љубљана – нагласи премиерот Мицкоски.

Она што, исто така, додаде тој, го демонстрирале луѓето, е фактот дека сега додека се вршат кардиолошките процедури можат и кардиохируршките процедури истовремено да се вршат.

– Зашто го кажувам ова? Не го кажувам наивно, го кажувам затоа што како Влада, планираме процесот на интегрирање на клинички центар да го започнеме со интегрирање на кардиологија и кардиохирургија во национален васкуларен центар. И тој е веќе почнат со подготовки – поради изборите би рекол дека е во фаза на подготовка, но, веднаш после изборите поробусно, поинтензивно ќе продолжиме со тој процес. Како претседател на Владата и како Влада, апсолутно ќе ги подржуваме сите вакви напори на клиниките, на болниците во Македонија, поддршката ја добиваат и од министерот и од директорот на Фондот. Очекувам со вакви убави вести да се јавиме и од проектите што се во тек, да ја информираме македонската јавност, а веднаш после завршувањето на изборите, ќе имаме малку поробусна акција и поголем фокус на здравството, што ќе биде прв приоритет – потенцираше премиерот.

Министерот за здравство Алиу истакна дека продолжуваат со инвестиции од инфраструктурна и техничка гледна точка.

– Денеска сме тука по повод надградба на хибридната сала, што е единствена хибридна операциона сала во нашата држава и пошироко во регионот. Станува збор за современа апаратура што овозможува детекција, анамнеза и интервенција, а потоа и следење на здравствената состојба на пациентот при кардиохируршките интервенции – посочи министерот.

Со новиот компјутерски томограф, за што биле обезбедени средства од Министерството за здравство во вредност од 2 милиона евра, со најсовремени софтвери, овозможени биле услови со што нашата држава се вбројувала меѓу водечките центри во оваа област.

– Софтверите на ангиографот и томографот се целосно комплементарни и овозможуваат највисок стандард во ендоваскуларниот третман – беше истакнато на денешниот настан.

Задоволство од денешниот настан изрази и директорот на Државна кардиохирургија во Скопје, Димитровски.

Тој беше прашан дали биле обезбедени анестезиолози со цел да се има повеќе интервенции и колку анестезиолози има во моментов.

– Во моментот на клиниката се двајца анестезиолози коишто може да водат кардиохируршки интервенции. Меѓутоа, со напорите на Министерството за здравство, потпишани се меморандуми за соработка со клиники од околината, соседните држави и се чека нивно ефектуирање во најскоро време – одговори Димитровски на новинарското прашање.