Фото: Принтскрин

Вкупно 47 повредени лица во пожарот во Кочани ќе бидат хоспитализирани надвор од државата, соопшти вечерва министерот за здравство Арбен Таравари. Утре на помош во државата пристигнуваат специјалисти по изгореници од Израел, Белград и Прага кои ќе им помогнат на здравствените работници во државава.

Како што изјави Таравари, според информациите со кои располага, четири до пет повредени побарале лекарска помош во приватните клиники.

Таравари информираше дека сите 115 пациенти згрижени во македонските болници се во стабилна и добра состојба. Дел од повредените се упатени на домашно лекување.

Министерот соопшти дека три лица се лекуваат во Солун, 14 во Бугарија, двајца во Србија и тројца во Истанбул, а уште шест ќе заминат вечерва со авион во Турција. Вечерва ќе патуваат и четири пациенти за Хрватска, но и за Белград со авион 12 лица плус тројца.

– Утре на помош доаѓаат колеги специјалисти за изгореници и интензивна нега од Израел, Белград и Прага, кои ќе им помагаат на нашите колеги кои неуморно работат и прават максимум од можностите. Има неколку пациенти кои имаат потреба за кислородна поддршка, но јас мислам дека сите се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Меѓутоа, ова се ситуации што не се предвидливи – истакна Таравари.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски соопшти дека пациентите во Солун се стабилни и веќе почнал нивниот третман. Во странство, како што рече, не се испраќаат само критични пациенти, туку и други, за да се обезбеди капацитет во Клинички центар.

– Во јавноста беше разговарано за потребата за активирање на Европскиот механизам за итност, проценката во овој момент е дека нема потреба. Но, конзилиумот одлучува за стручните прашања – подвлече Клековски.

На новинарско прашање што се случува со Центарот за изгореници, тој одговори дека станува збор за катастрофа од размери што ниеден македонски центар не ќе можел да се справи.

И да имавме Центар за изгореници, рече тој, ќе беше за неколку пациенти. Со катастрофи од овој обем, како што посочи, ниеден локален центар не би можел да се справи.