Фото: МИА

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска преку соопштение реагираше во врска со апсењето на директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември Скопје” за примање поткуп.

-Со оглед на фактот дека лицето М.А. е предложен од АА за времено решение за прв човек на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина “13 Ноември Скопје”, сметаме дека е неопходно да го соопштиме следното: АА ги повикува надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан. Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност – се наведува во реакцијата на Таравари.

Тој потенцира дека испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности.

-АА останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум. Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме. Партиските органи на АА ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот на партијата – истакна Таравари.

Министерството за здравство попладнево побара расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа.

– Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи – велат од Министерството по информациите дека е приведен директорот на Геријатриската болница „13 ноември“, Мухсин Арифи.

Од Министерството за внатрешни работи и Обвинителството информираа дека во координирана акција приведени се две лица под сомнение за кривични дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Обвинителството посочи дека се постапува за целосно расчистување за настанот, не изнесувајќи повеќе детали.

Арифи беше назначен за в.д. директор на Геријатрија во јули минатата година од страна на министерот за здравство Арбен Таравари. Претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци.