ФОТО:Фејсбук приватна архива Таравари

Предлогот на Али Ахмети е несериозен во вака сериозен момент кога се работи за евроинтеграциите и засега нема да се разгледува во партиските тела, изјави денеска претседателот на политичката партија Алијанса за Албанците (АА) , Арбен Таравари.

На новинарско прашање дали АА ќе ја напушти владината коалиција по повикот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети да го следат нивниот пример со кој министрите од неговата партија поднеле оставки од функциите, кои ќе станат ефективни откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени, гостиварскиот градоначалник и лидер на АА напомена дека станува збор за Пи-Ар трик.

– Ова е многу сериозен период за вака несериозни предлози. Мислам господинот Ахмети не размислува така и ми наликува на Пи-Ар трик. Во овој период треба да размислуваме трезвено и сериозно кога станува збор за евроинтеграциите. Во Алијанса за Албанците не се ни размислува во правец на предлогот на Ахмети, рече Таравари.

Доколку дојде до ситуација да се носи некаква одлука во овој правец, тогаш, нагласи Таравари, за тоа ќе се расправа во партиските тела и во консултации со членството и граѓаните.

Во врска со прегрупирањето на албанскиот политички блок и можноста за коалицирање со опозицијата, Таравари истакна дека засега нема да ја напушта владејачката коалиција.

– Алијанса за Албанците е дел од владата и ги прави анализите за претстојните избори. Засега нема навестувања за коалицирање, а со оглед на она што го поминавме претходно, најдобро ќе биде да одиме на избори сами, подвлече лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.