Фото:Ка.М

Идната недела ќе се реши проблемот со договорно вработените во болниците не
само во Прилеп, туку и во сите други болници. Од Министерството за здравство е се во
ред, се доцни малку од финансии. Гарантирам дека ќе има и вработување, oва меѓу
другото го изјави министерот за здравство Арбен Таравари, при денешната посета на
прилепската болница, за да на лице место се увери како се користат новите апарати
доделени од Министерството за здравство.

Според него и до крајот на годината ќе има и нови вработувања.

– Гарантирам дека ќе добијат решенија, не само договорните, туку и специјализантите. 300 сега и уште 300 до крајот на годината. Ни требаа нови систематизации. Ќе има конкурси. Но, некои од договорците не се компетентни за тоа што биле ангажирани, па директорот ќе има право да избере, 10, 20 проценти, или сите, кои ќе ги примне на работа. Се работи за денови, односно идната недела ќе биде решено се. Најавивме како здравство 1.180 нови вработувања плус 600 специјализанти, до крајот на
годинава. Ќе има и нови специјализации за доктори. Во Прилеп има 15 општи доктори
кои работат со договор на дело. Прво ќе добијат решенија па на специјализација – изјави Таравари, кој посочи дека во прилепската болница нема лекарски пропуст за лекувањето на близначињата што починаа во јануари.

Директорот на болницата доктор Кире Јоноски истакна дека апаратите што ги
добиле се веќе во функција и со нив ќе работат на повисоко ниво.

– Имаме подобра слика со апаратите со кои не се дава можност за грешки и интервенциите ќе ни бидат полесни и пациентите ќе ги третираме во нашата болница.
Според планот ќе набавиме опрема за сите одделенија, пософистицирана и поквалитетна. Ќе имаме нов ренген дигитален апарат, стол за анестезија, и др. апарати. Годинава речиси по двајца доктори ќе се вратат од специјализација за да работат на сите одделенија и во скоро време ќе имаме девет приватни специјализанти кои ќе завршат и ќе ни се приклучат – рече директорот Јоноски.

Златко Јаков, е хирургот кој по 11 години работа во Германија се врати во Прилеп.
Засега помага на хируршкото одделение, а наскоро ќе добие и решение. Тој е еден од
неколкутемина доктори кои изразиле желба да се вратат од странство и да работат во
нашите болници, како што рече министерот Таравари.

Инаку, според министерот Таравари последните возила за итна помош биле набавени пред 14 години и како Влада сериозно размислувале за набавка на возила преку
тендер кои ќе се достават до сите болници. Ка.М