Министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција информираше дека извештајот за починатото 14-месечно бебе во Скопје, е веќе испратен до специјалната болница во Козле, Универзитетската клиника за педијатрија и до Лекарската комора. Тој потсети дека извештајот не бил направен од него, туку од професионалци кои, тие како Министерство ги назначиле.
Тој рече дека се надева оти двајцата директори ќе преземат некакви мерки и дека очекува од нив да има некаква одговорност.
– Како министер, не сум судија, ниту обвинител. Како министер, ангажирав комисија и тоа мислам компетентна, што даде детален извештај што се случило, сега извештајот е испратен до клиниките. Чекаме да видиме како ќе постапат директорите. Понатаму, ние можеме да постапиме врз директорите, меѓутоа, врз вработените … нема никаде, министерот да избрка од работа. Треба Министерството и министерот да инсистираат за директорите да преземат одредени мерки за тие доктори кои направиле некаков тип, да речам, ако не речам – грешка, меѓутоа, превид. Така констатиравме заедно со комисијата, дека е направен превид – одговори тој на новинарско прашање.
Како што беше истакнато, досега до Министерството за здравство не била стигната никаква жалба.
На прашање како е можно во Клиниката за респираторни болести кај децата – „Козле“, да нема респиратор, тој одговори дека според достапните информации, бил прераспределен пред тие да дојдат во Министерството за здравство, во некоја клиника каде имало повеќе потреба од него.
– Секако дека Министерството сега има обврска во што поскоро време да обезбеди таму да има инвазивен респиратор – дециден беше Таравари.