Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари вечерва на Фејсбук објави документ кој, како што вели, му е доставен на министерот за здравство Азир Алиу на 15 овој месец и во кој се дава негативен одговор за вработување на неопределено време на 155 работници за Клиничката болница во Тетово.
– Барањето е доставено до Министерството за здравство на 2 јули 2025 година, односно во време кога Азир Алиу беше министер и на него е добиен негативен одговор од Министерството за финансии. Зошто не влијаевте да добиете позитивен одговор? Сите овие вработувања, вклучувајќи ги 300 + 300 специјализанти, ви ги оставив подготвени. Првата група речиси ја завршив. А каде сте со втората група на врботување на 300 специјализанти? Сите вработувања беа во фаза на подготовка, за што сведочат сите документи. Секое барање од здравствените установи што пристигнало во Министерството додека јас бев министер, во рок од неколку дена беше проследено до Фондот за здравство, односно до Министерството за финансии – се вели во објавата на Таравари.
Таравари во објавата на Фејсбук упатува и неколку прашања до министерот Алиу.
– Рековте дека 300 здравствени работници ќе бидат сместени во Трговскиот центар Лимак од 1 јули. До каде е оваа постапка? Зошто толкаво доцнење? До каде сте со бесплатните прегледи за секој што наполнил 40 години? Доставивте информација до Владата за да ѝ се продолжи на Градот Скопје надлежноста за надгледување на паркингот кај Клинички центар. Дали имаше некаков договор? Зошто ја повлековте истата? Што се крие зад ова? Правите реформи во системот „Мој термин“, а сè уште немате договор за одржување. Како ќе го спроведете тоа без договор? За изградбата на ѕидот кај УК за Детски болести обезбедив буџет, има владина одлука, па те потсетувам дека треба да се изгради што е можно побргу, бидејќи претставува опасност – напиша Таравари на Фејсбук.