Арбен Таравари/Фото: МИА

Формулацијата „јазикот што го зборуваат 20% од населението“ не е поврзана со дневната политика, туку со навредлива дефиниција на албанскиот јазик која мора итно да се отстрани. Ова ќе ја зголеми внатрешната социјална и меѓуетничка кохезија и ќе ја направи Македонија уште подобра, уште посилна и земја која ги прифаќа европските вредности на јазична и културна различност, реагираат од Алијанса за Албанците по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Миицкоски, ако се разговара за нормата „20 проценти“, да се разговара и за нормите „Бадентер“ и „балансер“ .

-За нас е подеднакво навредливо кога јазикот на нашите сограѓани се нарекува северномакедонски или славомакедонски, а понекогаш и поинаку. Затоа, проблемот од 20 проценти г. Мицкоски и другите мора еднаш засекогаш да го сфатат како што треба, тргнувајќи од самите себе, а никако да не ја збунуваат јавноста создавајќи амалгами со Балансер, којшто во суштина е алатка за планирање на вработувања во јавниот сектор за остварување на уставната обврска за соодветна застапеност на заедниците – велат од партијата на Арбен Таравари.

Оттаму додаваат дека „Бадентер“ или таканареченото двојно гласање е европски стандард за одржување на мирот и стабилноста што беше воспоставен во републиките од поранешниот комунистички блок по големите трагедии како што се војните во поранешна Југославија.

-Секое прекршување на овој механизам на консоцијална демократија би било ретроградно и би донело последици кои никој од нас не би ги посакал. Ако ова двојно гласање е „проблематично“ за некого, треба да се земе предвид дека многу земји слични на нашата го имаат регулирано ова прашање со дводомен парламент, кој треба да се стави на маса доколку во иднина се отвори ваква расправа – нагласуваат од Алијанса за Албанците.

Од партијата велат дека го отфрлаат „секое условување кое ги разнишува темелите на нашата држава, изградена врз принципите на консоцијалната демократија“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање околу барањето на албанските партии со уставни измени албанскиот јазик да стане рамноправен со македонскиот, денеска рече дека, доколку се разговара за нормата 20 проценти, треба да се разговара и за нормите „Бадентер“ и „балансер“.

-Aко мислите за таа норма од 20%, многу пати во минатото сум кажал, подготвен сум да седнам да разговарам со секого, но тоа е оној нов договор за Македонија за кој што треба да разговараме и за нормата „Бадентер“, за нормата „Балансер“ и да имаме еден фер систем во Македонија каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка или некаква си квота или некаков процент, туку затоа што вредат, затоа што се конкурентни, имаат знаење итн. – рече Мицкоски.