Според министерот за здравство Арбен Таравари, по изборите во Бугарија и изборите во САД, ќе се изнајде решение што ќе биде излез на нашата држава од ќорсокак и од декември ќе ги започнеме уставните измени.
– Ајде да бидеме искрени до крај, вопшто проблемот не е дали Бугарите ќе бидат во Уставот, тоа не е проблем, ние бевме за Египќаните и Хрватите да бидат во преамбулата. Тоа не е пречката, пречката е историскиот проблем помеѓу Бугарија и Македонија. И тука е целата работа што не оди како што треба и оневозможува преговорите да се случат. Јас мислам дека по изборите во Бугарија и изборите во САД, мислам дека ќе се изнајде решение што ќе биде излез на Македонија од овој ќорсокак. Јас мислам дека од декември ќе ги започнеме уставните измени – изјави Таравари во емисијата „Вин вин“ на телевизија „Телма“.
Тој кажа дека пораките од претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, биле многу јасни.
– Пораката беше јасна, ние сме добредојдени да ги започнеме преговорите, но, условот е тој да ги направиме измените во Уставот, многу легитимно од премиерот кој бара гаранции. Не се даваат гаранции од 2018 и 2019 година, потребни ни се посериозни гаранции – смета министерот за здравство.
Тој смета дека нашата држава заслужува потврда од Брисел и Вашингтон да не се бара нешто додатно.
– Најголемиот страв за мене како политичар во изборите пред 24 април и 8 мај да не ни се повтори Букурешт, да не ни се повтори 2008 година, а сега мојата интуиција, сигурен сум дека господинот Мицкоски е западноориентиран, и он сака да изнајде решение и е доста заинтересиран Македонија да не остане во групата со БиХ и Косово – додаде Таравари.