фото: Маја Јаневска - Илиева

Дваесет пациенти повредени при пожарот во Кочани се во критична состојба, а останатите се во генерално стабилна состојба, информираше претпладнево мнистерот за здравство Арбен Таравари. Тој најави дека можни компликации се очекуваат денеска и утре, и како што додаде, има нови пациенти кои биле дел од трагичниот настан во Кочани, но не се пријавиле вчера, туку се пријавиле денеска.

– Завршивме со состанокот на Кризниот штаб и направивме пресек на состојбата. За среќа, пациентите кои што беа донесени вчера во болниците низ државата се во стабилна состојба. И тие што беа пренесени надвор од државата, вкупно 51 до сега, сите се во генерално стабилна состојба. Но, се појавува еден нов проблем да има пациенти кои вчера не се јавени, и денеска се јавуваат. Јас би сакал да упатам порака до сите што биле дел од трагичниот настан во Кочани, а не се пријавиле вчера, ги молам денеска да се пријавуваат – рече Таравари.

Како што рече, сите пациенти кои биле хоспитализирани во Кочани и Штип, сега се преместени во Скопје. Таравари подвлече дека ситуацијата е под контрола и очекуваат помалку компликации.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а над 130 се повредени. Обвинителството спроведува истрага за пожарот, а дваесетина лица биле повикани на информативен разговор во полиција или биле приведени. И од Владата и од Обвинителството најавија брзо и ефикасно расчистување на случајот.