Градоначалникот на Оштина Новаци Стевче Стевановски во обраќање до јавноста извести за опасности на регионалниот патен правец Новаци – Маково, предизвикани од свлечиште. Деформацијата во моментов ја санираат екипи на РЕК Битола и ЈП за одржување на патишта, информира Стевановски.
-Ве информираме дека, согласно информација доставена од РЦУК – Битола, а добиена од РЕК Битола во текот на ноќта значително се влоши состојбата на регионалниот патен правец R1311 на делницата Битола – Новаци – Маково, на влезот кај депонијата Мегленци, во близина на свлечиштето поради појава на сериозни деформации на коловозот. Благодарение на координативните активности на сите вклучени страни со екипи, камиони и тешка механизација на РЕК Битола и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта кои се ангажирани за рамнење и тампонирање, веќе е при крај изградбата на земјена девијација во должина од 400–500 метри за движење, при што сообраќајот не е веќе во прекин и истиот се одвива отежнато. На терен е поставена соодветна привремена сообраќајна сигнализација. На сите учесници во сообраќајот им се препорачувам крајна внимателност, строго почитување на поставената сообраќајна сигнализација, прилагодување на брзината според условите на патот – посочи градоначалникот Стевановски.
Од Општина Новаци соопштија дека јавноста ќе биде редовно и навремено информирана за сите понатамошни активности и промени на состојбата на терен.
































