Годишнина од раѓањето на нашата голема хуманистка Гонџа Агнеза Бојаџиу – Мајка Тереза: Приказната за Мајка Тереза ја става нејзината родна грутка во центарот на вниманието на светската филмска сцена

Претставувањето на животот на Мајка Тереза и нејзиниот внатрешен порив, стремеж и борба за остварување на својата хумана мисија во филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, со која денес ќе биде отворена програмата „Хоризонти“ на првиот натпреварувачки ден на годинашното издание на „Венецискиот филмски фестивал“, овозможува и Македонија да се најде во центарот на вниманието на светската филмска сцена. На тој начин пригодно ќе биде одбележана и 115-годишнината од раѓањето на Гонџа Агнеза Бојаџиу, позната како Мајка Тереза, на 26 август 1910 година во Скопје (прогласена за почесна граѓанка во 1980 година).
Мајка Тереза е меѓу најзначајните личности на 20 век поради нејзината силна верба и ангажираност во борбата за искоренување на бедата, гладот, сиромаштијата и болестите на најзагрозените. Особено е ценета нејзината идеја за основање на католичката заедница „Мисионерки на љубовта“ во Калкута, Индија, со над пет илјади сестри вклучени во околу 600 мисии за помош, со школи, народни кујни, прифатилишта и болници за сиромашни, гладни и оставени во 133 држави во светот.
Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута, Индија, градот каде што го мина најголемиот дел од својот живот. Две години по нејзината смрт, папата Јован Павле Втори ја започнува диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација. По беатификацијата, таа е прогласена за Блажена Мајка Тереза. На 17 декември 2015 година, папата Франциск го одобрува второто чудо што по каноните беше потребно за Мајка Тереза да стане светица.
Теона Стругар Митевска преку „Мајка“ третпат се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (селекција „Хоризонти“, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ (селекција „Авторски денови“, 2023). „Мајка“ ќе се натпреварува за награди во повеќе категории – режија, сценарио, најдобар филм, актерски остварувања…

– Идејата за филмот започна да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм „Тереза и јас“, проект финансиран од Македонската радио-телевизија. Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнати македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот „Мајка“ – истакна неодамна Лабина Митевска, продуцентка на филмот.
Со филмската екипа во Венеција ќе биде присутен и еден од најеминентните македонски актери, Никола Ристановски, кој ја толкува улогата на отец Фредерик, покрај шведската актерка Номи Рапас во улогата на Мајка Тереза и Силвија Фокс во улогата на сестра Агнешка.
– Темата е Мајка Тереза, односно клучен дел од нејзиниот живот. Нејзините дилеми како верник. И како жена… Секако уште една приказна што суштински ме интересира – посочи Ристановски во интервју за белградскиот неделник „Нин“.
Селекцијата „Хоризонти“ на „Венецискиот филмски фестивал“ е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик. Филмот „Мајка“ веќе е распродаден за кинодистрибуција во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други. Филмот ќе започне да се прикажува во европските кина од 3 декември. За македонската публика, „Мајка“ ќе биде премиерно прикажан на 46. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола. Н.М.