Сведокот Музафер Каришиќ на денешното рочиште за судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 77-годишниот Панче Жежовски изнесе нови моменти, досега непознати за јавноста. Тој посочи дека обвинетиот Влатко Кешишев ги однел полицајците до местото каде што била закопана убиената Вања Ѓорчевска.
– Влатко Кешишев го уапсивме во просториите на политичката партија Десна со уште други две лица. Беше чуден сплет на околности. Самиот почна да зборува дека е лош човек, дека е нечовек, навестуваше нешто. Во еден момент рече дека ќе ме однесе мене на едно место, да ми покаже нешто, бараше да одиме сами не сакаше да одиме со другите началници, сакаше јас и тој сами, ми рече „ако дознае Палчо ќе ме убие“. Тоа беше во полициската станица Кисела Вода. Тргнавме, нѐ однесе до запалениот „цитроен“. Се предомислуваше дали да каже, дали не. Па во еден момент рече „ајде ќе ве однесам, има еден црн пат“. Возевме по негови насоки, се качивме едно 200-300 метри, рече „излезете“. Тоа беше од спротива кон црквата. Се качивме 200-300 метри и рече да искочиме, тоа беше широк огромен простор. Имаше чудна комуникација, сакаше да каже нешто, па пак рече „не можам, не можам, не можам“, па пак тргна накај возилото, па сакаше само со мене да разговара, па рече „ајде, нека биде“, и со главата ми посочи кон расфрлени перници и душеци. Дури и со рака не сакаше да покаже, покажуваше со главата кон перниците. Велеше „јас стоев на страна“. Ги тргнавме перниците, тој рече „тука е девојчето кое го барате“. Откопувавме додека не ѝ се видоа носот, веѓата и едната нога и престанавме. Прашавме кој, рече „Палчо, ја земаа и тука ја фрлија, а јас бев на страна“.
Судењето е во тек.