Сведокот Дејан Димовски, началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, кој сведочеше на денешното рочиште за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во Основниот кривичен суд Скопје, посочи како дошло до тоа таткото на Вања, Александар да биде осомничен за инволвираност во случајот.
-Сето тоа прво потекна од Велибор и Боре, кои ни кажаа дека и таткото е инволвиран. Со тие нивни искази и разумно согледување може да се види. Ние само фактите ги гледаме – рече Димовски.
Прашање за сведокот имаше и обвинетиот Палевски.
-Дали имавте конкретен доказ дека сме контактирале јас и таткото на Вања Александар освен тоа што ви го кажале Велибор и Боре – праша Палевски.
-Не – одговори сведокот.
На прашање од адвокатот на обвинетиот Боре Видевски дали врз неговиот клиент била вршена тортура, сведокот рече „на столица, седеше на столица кога го кажа тоа“.
На прашање од одбраната на Љупчо Палевски, дали е пронајдено оружјето, сведокот рече дека не е пронајдено. На прашањето за парафинска ракавица, сведокот рече дека не знае за пракса да се зема парафинска ракавица после една недела од настанот.