Фото:МИА

Во едно современо и транспарентно општество, статистиката претставува огледало на реалноста. Таа е компасот што ни покажува каде сме и каде одиме. Статистиката овозможува граѓанска вклученост, јавна отчетност и социјален дијалог. Без квалитетни и независни податоци – нема ниту квалитетна демократија, порачаа денеска говорниците за време на Свечената академија по повод 80 години од основањето на Државен завод за статистика, како и 25 години од собирањето родово разделени податоци во земјата, што се одржа во Скопје.

Директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, во своето обраќање рече дека во изминатите осум децении, официјалната статистика не беше само алатка на државната администрација. Таа стана сведоштво на нашата историја, на економскиот раст, на демографските промени, на социјалните текови и на секој обид да изградиме подобро утре.

-Сведоштвата на основачите на официјалната Статистика ни раскажуваа за безрезервната посветеност во создавањето на првите статистички програми, методолошки решенија и прибирањето податоци што и служеа на државата за носењето на мудри и одговорни одлуки. Во 1951 година започна ново поглавје. Беше основан Заводот за статистика, а во 1961 година беше донесен и првиот Закон за статистика. Правен темел што обезбеди стабилност и насока за идниот развој- рече Станков.

Како што додаде, со стекнување на државната независност во 1991 година, Заводот доби истакната улога, да биде единствен и официјален носител на државната статистика, а од 1997 година со Законот за државната статистика и координатор на националниот статистички систем.

-Од рачно собрани податоци до современи дигитални платформи. Од статистички годишници во хартиена форма, до отворени бази на податоци, достапни за сите граѓани. Патот што го изоде официјалната Статистика е навистина импресивен. Денес, кога се навраќаме на осумте децении исполнети со посветена работа, може со гордост да кажеме – официјалната Статистика е темел на јавната доверба и двигател на развојните политики- рече Станков.

Тој подвлече дека со над 300 статистички истражувања, со проверени, достапни, веродостојни и научно засновани податоци, Заводот ги документира предизвиците и промените што ја обликуваат нашата држава.

Тој посочи дека денес институцијата се соочува со недостиг на стручен кадар и недоволно користење на дигитални алатки за собирање на информации, но напомена дека во наредниот период ќе се посветат на целосно институционално реорганизирање, со цел реализација на нашите стратешки приротиети.

 

Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на настанот посочи дека македонската статистика е во голем дел усогласена со европската статистичка практика и со меѓународните стандарди.

-Овие 80 години не се само историја – тие се традиција на професионализам, кредибилитет и јавна служба, кои претставуваат темел на демократскиот и институционален развој на нашата држава. Во едно современо и транспарентно општество, статистиката претставува огледало на реалноста. Таа е алатка за анализа, основа за планирање, и патоказ за креирање ефективни и одговорни јавни политики. Преку точни, сигурни и навремени податоци, институциите можат да носат одлуки што одговараат на вистинските потреби на граѓаните- рече Мицкоски.

Како што посочи, податоците произведени од Државниот завод за статистика се официјални, висококвалитетни и меѓународно споредливи – што ја издвојува оваа институција како клучен извор на информации во државата.

-Преку усвојување на Националната стратегија за развој на статистичкиот систем, преку финансиска стабилност, вложување во ИТ инфраструктура, човечки ресурси, како и преку соработка со европските институции, ние создаваме услови Државниот завод за статистика да остане независен, модерен и професионален- појасни Мицкоски.

Тој додаде дека оваа институција има особено значење и во процесот на преговори со Европската Унија, каде статистиката е клучна за мерење на напредокот и за оценка на реформските процеси.

-Вашиот труд можеби не секогаш е во фокусот на јавноста, но тој е незаменлив. Благодарение на вашата посветеност, методолошка точност и институционална одговорност, нашата земја има статистика што е почитувана дома и призната надвор. Предизвиците што доаѓаат се нови – дигитализација, вештачка интелигенција, нови извори на податоци. Но, сигурен сум дека со знаењето, капацитетот и поддршката што ја имате, Државниот завод за статистика ќе продолжи да биде столб на вистината, објективноста и прогресот- додаде Мицкоски.

 

Постојниот координатор на Обединетите нации, Рита Колумбија, подвлече дека вработентите во Статистиката имаат витална улога во општеството.

-Вашата посветеност да станете предводници на напредокот на Статистиката во согласност со развојот на заедницата, не се незабележани. Денес го славиме секој од вас и изразуваме благодарност за неверојатната работа што ја правите, а која што придонесува за развојот на земјата. Вие играте витална улога и им обезбедувате на Владата и на сите засегнати страни неопходни алатки за планирање, врз основа на докази. Објективното следење и евалуација на податоците кои ги собирате се неопходни, за обезбедување на транспарентност, донесување транспарентни одлуки, отчетност и оптимизација на ресурсите – рече Колумбија.

Раководител на Одделот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, Штефен Худолин, во своето обраќање посочи дека за Северна Македонија, веродостојната, навремена и квалитетна статистика е од суштинско значење за патот кон ЕУ.

-Статистиката е многу повеќе од само бројка. Тоа е јазикот на носење на информирани одлуки, начин на кој што ги разбираме потребите на општеството, економскиот потенцијал и предизвиците што мора да се надминат. Усогласувањето со европското законодавство е важен потфат, со кој што е неопходно за да се хармонизираат стандардите и практиките во различните домени, при што статистиката е критична компотентна- додаде Колумбија.