Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ соопшти дека е извршена втора распределба од средствата од заедничката сметка за донации од близу 11 милиони денари.

Во објавената видео-информација на фејсбук-профилот на Граѓанската иницијатива се вели дека од вкупната сума од 10.944.793 денари еден милион се за данок на државата, а останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71.900 денари.

– Почитувани, транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределбата на средствата од заедничката сметка за донации преку SupportKocani, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди – стои во објавата на „Супорт Кочани“ на социјалните мрежи.

Средствата потекнуваат од компании здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи на 16 март оваа година загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.