Фото: Супорт Кочани/ Фејсбук

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ попладнево соопшти дека е пристигната втората донирана пратка компресивна облека за повредените во пожарот што се случи на 16 март, годинава. Од „Супорт Кочани“ информираат дека облеката веќе е доставена во Општата болница во Кочани.

– Во оваа пратка се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица. Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани. Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Супорт Кочани- велат од граѓанската иницијатива.

Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата Супорт Кочани откако претходно обезбеди една пратка во вредност од 923.458 денари.

Вкупниот износ на двете набавки е 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра, средства обезбедени преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората.

– Голема благодарност упатуваме до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош за што поголем број повредени лица. Во време на болка, солидарноста е најголем лек. Никој нема да биде сам. Делата зборуваат многу погласно од зборови, а ние не застануваме – продолжуваме посветено и одговорно, сè додека постои потреба и сè додека има луѓе што веруваат во хуманоста – порачаа од Супорт Кочани.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.