Судскиот совет на денешната 490-та седница ја разгледа и едногласно усвои новата Комуникациската стратегија на Судскиот совет и судовите на Македонија (2024-2028) со Акционен план.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева посочи дека со новата стратегија се исполнуваат четири од препораките нотирани во Извештајот на оценската мисија, како и дека е усогласена со Националните развојни политики и претставува подетално разработен дел од Развојната секторска стратегија за правосудството 2024-28 и, истата е компатибилна со заложбите за отворено судство.
– Со усвојување на еден ваков значен документ, значи дека ќе се усвојат високи европски стандарди за комуникација на сите нивоа на судството, почнувајќи од Судскиот совет – изјави Дамева.
Комуникациската стратегија, посочи Дамева, ги нотира сите активности што во наредниот период треба да се преземат од Судскиот совет и судовите за јавноста да има пристап до навремени и разбирливи информации во врска со процесот на донесување одлуки во судството.
-Судиите мора и треба да бидат потранспарентни со медиумите, истото се однесува и на Судскиот совет, бидејќи одлуките судиите сепак ги носат во име на граѓаните и нашата работа е во име на граѓаните, а едно од основните права е правото на граѓаните да бидат информирани – изјави Дамева.
Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, посочи дека комуникацијата со јавноста, граѓаните, медиумите и граѓанските организации има голема улога за заштита на интегритетот на судиите, но и во заштита на судството од надворешните влијанија, и од тие причини сите заложби за отчетност се засновани врз владеење на правото и во тоа, како што нагласи, е суштината на комуникациската стратегија – без јавност не може да има квалитет на постапување и одлучување.
– Од големо значење е што за комуникациската стратегија имаше инклузивен процес во кој што Врховниот суд даде придонес во кој делови треба да има подобрување. За примената на оваа стратегија потребно е да се има мотив и волја, бидејќи транспарентноста дава огромен и незаменлив придонес за угледот на судството и општо за целосната перцепција – нагласи Адеми.