Судскиот совет денеска ја претстави новата Предлог-програма за борба против корупцијата и Акцискиот план за спречување коруптивни појави за периодот 2026–2029, документ којшто, според претседателот на Советот Александар Камбовски, претставува важен чекор и за правосудниот систем и за европските интеграции на државата.
Камбовски посочи дека судството има двојна улога, односно да пресудува во коруптивните предмети, но и да спречува појава на корупција внатре во сопствениот систем. Документот, вели, е насочен токму кон адресирање на коруптивните појави надвор, но и внатре во судскиот систем.
– Денеска е голем ден за Судскиот совет. Успеавме да приготвиме Предлог-програма за борба против корупцијата и Акциски план за нејзино спречување, за периодот од 2026 до 2029 година. Ова е многу битно за нас, имајќи ја предвид самата темата која ја опфаќа тоа е корупцијата, која, како што знаете, во моментов е доста актуелна во нашата држава и, за жал, присутна во сите пори на општеството. Една од задачите на судството е да ги суди тие коруптивните појави преку предметите кои се обработуваат во судовите. Но, исто така, не помалку важна задача е судовите да се справуваат со можната појава на коруптивни дејствија и внатре во самиот систем – рече Камбовски.
Планот се очекува да биде усвоен следната недела на седница на Советот, појасни Камбовски, истакнувајќи дека во него се адресирани токму ваквите прашања поврзани со борбата против корупцијата, со точни чекори, мерки и временски рамки кога треба да се преземат.
Нагласи дека програмата е значајна не само за правосудството во земјава, туку и како дел од пошироката реформска агенда поврзана со евроинтеграциите. Според него, при изработката се земени предвид слабостите од претходниот план.
– Не само што е важна оваа Програма за самото правосудство за нашата држава, важен аспект е дека таа е дел од од реформската агенда по која што нашата држава се движи кон конечно полноправно членство во Европската унија … Не можеме да кажеме дека сме целосно задоволни од спроведувањето на претходната стратегија, но сме задоволни дека работите тргнаа. Овој пат, поучени од грешките, очекуваме многу повисока реализација – додаде претседателот на Советот.
Во однос на улогата на етиката во работата на судиите, Камбовски истакна дека интегритетот, непристрасноста и етичкото однесување се суштински за секој судија. Во контекст на следење случаи на непрофесионално однесување, тој напомена дека досега се евидентирани само мал број на такви појави, но, сепак, нагласи, во програмата се воведуваат и нови механизми во согласност со европските стандарди, кои што се насочени кон поефикасно детектирање на таквите појави.
Осврнувајќи се на довербата во судството, тој предупреди дека таа не може да се врати само со донесување на еден документ, ниту со исполнување на една цел од Програмата. Според Камбовски, за да се врати довербата во судството кај граѓаните, потребно е време и континуитет во работата.
– Довербата во судството не може да се врати со носење на документ, ниту со исполнување на една цел од оваа програма. Потребен е континуитет и време, но навистина се надевам дека ќе успееме да се придвижиме и да мрднеме од оваа точка на која сега се наоѓаме. Нема да биде идеално, но ќе биде подобро – порача Камбовски.
Во однос на наводите дека лицето кое што е осудено на 10 години затвор за несреќата кај Ласкарци, не е достапно за органите на прогонот, Камбовски рече дека немал увид во случајот и дека не би сакал да коментира без точни информации. Доколку се утврди пропуст, вели, Судскиот совет ќе постапи согласно надлежностите.
Прашан за коментар во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за состојбите во судството, Камбовски рече „во последните излагања премиерот, колку што слушнав, покажа волја да направи законски измени и да предложи измени до Собрание, каде што ќе добиеме финансиска независност“.
– Финансиската независност е прв чекор. Реформите што ни претстојат не се однесуваат само на платите на судиите, туку опфаќаат цел пакет закони, од Законот за Судски совет до Кривичниот законик и Законот за Академија за судии и јавни обвинители. Платите на судиите се еден минимален дел од пакетот на реформи кои што нашата држава се усогласила да ги направи. Значи по европскиот пат којшто ние го одиме и европските реформи кои што треба ние да ги преземеме вклучуваат еден куп закони. Во ниту еден од овие закони не станува збор за примањата на судиите. Така што, не дека реформата се однесува само за платите на судиите – рече Камбовски.
Камбовски посочи дека дел од реформските мерки бараат минимални фискални импликации, но дека некои не можат да се реализираат без нови вработувања. Како пример го наведе фактот дека Судскиот совет веќе подолг период нема лице за односи со јавност, поради што комуникацијата со медиумите ја вршат или членови на Советот или самиот тој.
– Професионалец за односи со јавноста е неопходен. Не може судија или правник подобро да го работи тоа од човек што е обучен за комуникации – оцени Камбовски.
За потребите од буџетски средства, Камбовски оцени дека најпрво мора да се направи целосен пресек на состојбата, од инфраструктура до човечки ресурси.
– Ако сакаме функционално судство, мора да има финансии. Од одржување на судските згради, до плати, придонеси и стручни кадри, сето тоа чини. Под определен минимум, единствено решение би било судовите да се затворат – предупреди претседателот на Советот.
Камбовски додаде дека, еднаш кога ќе се стабилизира системот, буџетските потреби можеби ќе се намалат, но дека во моментот е неопходно да се инвестира за да може судството да функционира нормално.


































