Фото: „Нова Македонија“

Судскиот Совет го објави наодот на работната група во врска со предметот против Менсур Пајазити, кој беше осуден на две години затвор за прегазувањето на 22-годишната Теодора Ристовска. Работната група потврди дека судијата Ељведин Ферати не можел да досуди повисока казна поради членот 428 од Законот за кривична постапка, кој забранува менување на пресудата на полошо ако жалбата е изјавена само во корист на обвинетиот.

– Согласно член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција – стои во соопштението од Судски Совет.

Како поткрепа на заклучокот од увидот во предметот, Советот наведува хронолошки преглед на постапувањето на судовите според кој, најпрво Основното Јавно обвинителство Тетово поднесе обвинителен предлог за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, за кое е предвидена казна затвор од една до пет години. Основниот суд Тетово донесе пресуда со казна затвор од три години и шест месеци. Обвинетиот поднесе жалба, а Апелациониот суд Гостивар ја уважи делумно, намалувајќи ја казната на две години. Врховниот суд ја укина пресудата и предметот се врати на повторно судење. По признавање на вина, Основниот суд Тетово повторно го осуди обвинетиот на две години затвор.

Подружницата на Здружение на судии на РСМ при Основен суд Тетово денеска, исто така, излезе со соопштение во кое детално ја објаснува досегашната судска постапка поврзана со загинувањето на младата Теодора Ристовска, почнувајќи од првото судење, одлуката на Апелација и Врховниот суд па сè до последното судење во кое е изречена казна затвор во траење од две години за обвинетиот Енвер Пајазити. Според нив, судија Ељведин Ферати, кој ја донесе пресудата во повтореното судење, а и судијката Верка Костовска која го судеше првото судење, а која во меѓувреме замина во пензија, постапиле исклучиво согласно пропишаните законски норми.

Формираната група доаѓа откако пресудата предизвика силни реакции за целиот процес и премногу „благата“ казна. Премиерот Христијан Мицкоски го повика Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата. Реакција од Судскиот совет побара и министерот за правда Игор Филков, кој ја коментираше пресудата, истакнувајќи дека довербата на граѓаните во судството е многу ниска.

Семејството на Теодора реагираше на висината на казната и долгото траење на целата постапка. Тие денеска преку отворено писмо упатија благодарност за поддршката од јавноста, медиумите и премиерот и изразија надеж дека ќе има реакција од Судскиот Совет, по изречената казна од две години затвор за возачот во сообраќајката во која нивната ќерка и сестра го загуби животот во 2022 година.

– Искрено се надеваме дека Судскиот Совет ќе изреагира адекватно во врска со скандалозната и срамна одлука на судијата од Тетово, Ељведин Ферати и имаме сомнеж како семејство дека позади оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. Ние силно и натаму ќе се бориме за правда за Теодора – велат во писмото од семејството Ристовски.

Судијата Ељведин Ферати, дополнително беше критикуван во јавноста и поради сомнежи за неговиот интегритет дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврдил неправилности во неговите оценки, што доведе до предистрага од Скопското јавно обвинителство од каде што последните информации се дека утврдиле дека тој ги преполагал предметите.