Фото: МИА

Судијката Наташа Савовска Димитровска, од Апелацискиот суд Скопје, вели дека по одлуката на Судскиот совет со која таа и уште една судијка беа разрешени, за учество во донесување на пресуда за случајот „Телеком“ три жалбени совети при Врховниот суд или 27 судии, од кои девет врховни и 18 апелациски судии ги усвоиле жалбите и предметот го вратиле на повторно одлучување. Таа нагласува оти очекува дека Судскиот совет при повторното постапување, како што вели, „ќе се издигне на нивото на задачата, ќе се изолира од центри на влијанија на моќ и ќе донесе законита одлука“, која ќе биде базирана на закон и факти.

Предметот „Телеком“ е за спор стар повеќе од две децении меѓу интернет-провајдерот „Фокуснет“ од Штип и компанијата Македонски Телеком, за кој Апелацискиот суд донесе пресуда со која Телеком треба да исплати отштета од околу четири милиони евра на штипската фирма.

Савовска Димитровска денеска на прес-конференција информираше дека се откажала од тајноста на постапката што се води против неа пред Судскиот совет, со цел објективно да ја информира јавноста за случајот и за, како што вели, „да престанат шпекулации и изнесување на невистини, непотврдени информации, со коишто смета дека и се нарушува личниот углед, а се нарушува и угледот на целото судство“.

– Заради неколку случаи на судии или обвинители, коишто го загрозуваат угледот на судството, не е во ред да се добива погрешна слика и негативен впечаток за целокупното судство. Ова го кажувам бидејќи лично се сметам за судија, кој во досегашниот мој судиски стаж од 18 години постапувам согласно закон и секогаш врз база на докази – изјави Савовска Димитровска.

Според неа, имало објавено многу шпекулации и дезинформации во овој период и нагласи дека овој конкретен предмет во којшто Македонски Телеком изгуби спор, се однесува на штета од злоупотреба на монополска положба, а злоупотребата на монополската позиција не ја утврдува Апелацискиот суд, туку таа претходно била утврдена со правосилно решение на Комисијата за заштита на конкуренцијата и со пресуда на Управниот суд и потоа пресуда на Вишиот управен суд.

– Во такви околности кога пред Апелацискиот суд ќе се најде постапка по жалба, која се однесува за надомест на штета од веќе утврдена вина, со правосилни пресуди на други судови, судот не ја испитува и утврдува вината, туку само одлучува за висината на штета. Апелацискиот суд ја утврди и досуди делумно штетата и тоа врз основа на пресметки, коишто ги направиле вешти лица – изјави Савовска Димитровска.

Прашана за информациите дека третата судијка, која постапувала во случајот, различно делувала во предметот, како и за наводите дека постоел двоен записник за што веќе постапува Обвинителството, одговараше адвокатот на Савовска Димитровска, Ѓорѓе Поп-Кочев, кој на прес-конференцијата рече дека се работи за постапка од доверлив карактер и дека прашањето за постоење на втор записник е во доменот на шпекулации.

-Постапката против судијата Наташа во овој момент не се води, т.е. таа нема сознанија дека се води, бидејќи нема покана или какво било дејствие во коешто таа би била повикана пред Обвинителството или друг орган да даде исказ или да учествува во каква било постапка против нејзе. Што се однесува на прашањето за фалсификуван записник, таков не постои. Во предметот постои еден, единствен Записник и еден единствен примерок од оригиналната пресуда. Двоен Записник не постои и за тоа постојат докази, коишто се доставени до Судскиот совет. Судскиот совет ги изведе и должен е да ја почитува содржината на тие докази. Шпекулациите дека некој член од Советот кажува дека има или нема записник, би додал дека тоа прашање е испитано од Комисијата на Судскиот совет и информатичар на Апелацискиот суд со увид во предметите и АКМИС системот утврди дека друг записник не постои. Прашањето за постоење на втор записник е многу во доменот на шпекулации – изјави Поп-Кочев.

Во извештајот на Комисијата при Судскиот совет, адвокатот Поп-Кочев, нагласи дека е јавно објавен и во него не стои тврдење дека има двоен записник, туку дека тоа прашање треба да се проверува.

– За постоење притисок врз судија, тоа, исто така, се инсинуации и шпекулации. Единствен притисок, што е пријавен и во Судскиот совет и пред надлежни органи е од судијата Наташа, за барање за бришење на веќе донесена пресуда и тој притисок е пријавен уште при самата пријава, т.е. барање за дисциплинска постапка, исто во август 2024 година, исто и пред истражен орган и постапката за тоа е во тек и повеќе детали за поврзани со таа постапка не би можел да давам – изјави Поп-Кочев.

Одлуката на Врховниот суд, со која се укинува решението за нејзино разрешување, Савовска Димитровска вели дека дава јасно напатствија и тие се задолжителни за Судски совет.

– Со сета почит кон дигнитетот на функцијата член на Судски совет, која треба да е на браникот на угледот, интегритетот и честа на судиите, и независно вршење на судиска функција, очекувам дека при повторното одлучување кај членовите на Судскиот совет ќе надвладее правдата, стручноста и храброста и дека ќе се изолираат од недозволени влијанија на центри на моќ. Сепак, членовите на Судскиот совет се судии, адвокати и искусни правници и треба во повторното одлучување одлуката да ја базираат на закон и докази, односно фактите да им се поткрепени со докази, а не на база на инсинуации и лажни обвинувања и шпекулации на странка која изгубила судски спор – изјави Савовска Димитровска.

Савовска Димитровска укажа на три клучни моменти од Одлуката на Врховниот суд, и тоа дека постапката е поведена по барање на член на Судскиот совет кој не побарал изземање и покрај постоење на очигледен судир на интерес; дека Судскиот совет недозволиво навлегол во оценување на законитоста и правната основаност на судската пресуда, што е надвор од неговите законски надлежности, како и дека не била направена анализа на доказите, што Судскиот совет е должен да го стори при повторното постапување.

– Врховниот суд јасно му укажува на Судскиот совет дека треба да донесе решение за изземање на членот на Судскиот совет Тања Чачарова Илиеска, која е подносителот на барањето за утврдување одговорност против судиите. Овој член, сакам да Ве информирам, не побара изземање од постапување во оваа постапка, што според мене претставува злоупотреба на службената положба. Таа негираше и пред Судскиот совет дека извршувала висока функција и била претседавач на Акционерското собрание на Македонски телеком. Меѓу другото, за тоа добивала и паричен надоместок и според мене била пристрасна во нејзиното постапување како член на Судскиот совет. Секој судија ќе потврди дека согласно позитивното право ова е основ да се побара изземање и ова се докази за судир на интереси – изјави Савовска Димитровска.

Пријава за судир на интерес, Савовска Димитровска рече дека доставила преку нејзиниот адвокат и до ДКСК пред повеќе од една година, но сè уште не е донесена одлука.

– Очекувам дека ДКСК ќе се охрабри и ќе донесе одлука каква што предвидува законот – изјави Савовска Димитровска.

Втора посериозна повреда што ја констатирал Врховниот суд, според Савовска Димитровска, е дека Судскиот совет се впуштил во оценка на законитост на пресудата.

– Судскиот совет ја цени работата на судиите, меѓутоа Врховниот суд му укажа на Судскиот совет дека е надвор од опфатот на надлежности да цени работа на судија преку оценка на законитост на пресуда. Како да сакаше Судскиот совет да ни каже каква пресуда требало да донесеме, тоа е директно мешање во вршењето на судиската функција, што според мене е недозволиво. Никогаш не сум дозволила мешање, ниту сметам доколку успеам и се вратам да ја вршам оваа функција, дека некогаш ќе подлегнам на ваков вид на притисоци. Не може да се води дисциплинска, ниту кривична постапка против судија за донесена пресуда и искажано мислење. Децидна е одредбата од Закон за судови, дека различното толкување на право и факти не може да се смета за намерно и неоправдано направена крупна професионална грешка. Ова не може да биде основ за водење дисциплинска постапка против судии – изјави Савовска Димитровска.

Трета точка од одлуката на Врховниот суд, што ја потенцира Савовска Димитровска, е дека Судскиот совет при повторното одлучување ќе биде должен да направи анализа на доказите.

– По оваа одлука на Судскиот совет се чувствува страв кај судиите да одлучуваат врз основа на закон и докази, зошто, иако треба сите да се еднакви пред закон, доколку една од странките е некоја моќна компанија, истите врз основа на овој случај со мене, можат да се соочат со водење на постапка и евентуално нивно разрешување, што е недозволиво и мислам дека директно е загрозена независноста на судската власт – изјави Савовска Димиторвска.