фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во „Топ тема“ на „Телма телевизија“ говорејќи на тема судство и обвинителство истакна дека судиите во земјава бараат судски буџет далеку над европскиот просек, дури 75 отсто повеќе, но, вели, кои резултати ги покажале судиите за да го добиваат тој буџет, и затоа не гледа причина за зголемување на таа сума.

-Ако зборуваме за буџетот една анализа да презентирам за македонските граѓани. Ова е европски извештај. Буџетот кој ние како држава го издвојуваме за правосудството е 0,39 проценти од нашиот бруто домашен производ. За да знаат граѓаните соседна Грција издвојува 0,26 отсто, Франција издвојува 0,2 проценти, да одиме чекор понатаму, Германија издвојува 0,3 отсто, а европскиот просек е 0,31 отсто од бруто домашниот производ, а медијаната е 0,28 проценти. Ние издвојуваме повеќе и од медијаната и од европскиот просек или во бројки, повеќе од 75 отсто од земјите членки на ЕУ – посочи премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски направи споредба со други држави што се стремат кон ЕУ и коишто издвојуваат помал буџет од Македонија, односно Албанија 0,295 проценти, Молдавија 0,35 отсто, Грузија 0,23 отсто од сите имаме повеќе.

-Законот вели до 0,8 отсто. Во новите измени на законот бараат минимум 0,8 отсто и минимум 0,5 отсто за Обвинителството или вкупно 1,3 проценти, што нема теоретски шанси, затоа што би било три пати повеќе од земјата што издвојува најмногу за правосудството во Европа. Судија почеток според европскиот извештај, годишно заработува 19.170 евра бруто плата, за Словенија од истиот извештај судија почетник заработува 34.101 евро бруто плата или некаде околу 80 отсто повеќе, притоа бруто домашниот производ за Македонија е некаде 6,5 илјади евра, а за Словенија е 28 илјади евра. Или математички судија почетник во Словенија има 80 отсто поголема бруто плата од судија почетник во Македонија, при три и пол пати поголем БДП од тој кој го имаме ние. Каква е пропорцијата тука – вели премиерот Мицкоски.

Мицкоски појасни дека во земјава претседател на суд има плата околу 180.000 денари, околу 3.000 евра, неговата плата како премиер е 155.000 денари.

-Во регионот буџетот за судови, Албанија 0,17 отсто од БДП, ние 0,30 проценти, а Молдавија фронтранери кои напредуваат кон ЕУ 0,18 отсто, Грузија 0,15 отсто. Ова кажува дека буџетот кој владата го издвојува за правосудниот систем е повисок од 75 проценти земји-членки на Европската Унија, јас не гледам потреба за зголемување на таа сума, а што се однесува до делот одобрување на планот за вработување и унапредување, немам проблем, владата не се меша во судството, но владата е одговорна за трошењето на секој денар народни пари, а кога тие пари ги троши некој орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа – изјави премиерот Мицкоски.

Мицкоски додаде дека Владата не се меша во судството, но додаде, „Владата е одговорна за секој денар народни пари“ и како што кажа, „и кога тие народни пари ги троши некоја институција или орган од управата на државата, логично е државата да се грижи за тоа“.

-Они велат за нас не се грижете, ние само ќе се грижиме а вас само ќе ве информираме. Ние велиме во ред, еве тоа ќе го прифатиме и ќе биде дел од законите. Но, не ја гледам потребата од зголемување на буџетот во услови кога и самиот Извештај дојден од Советот на Европа констатира дека буџетот кој што ние го издвојуваме е повисок како процент од БДП од 75 проценти од земјите членки од ЕУ. И сакам да поентирам, ние во минатото имавме експерименти кога обвинители земаа и по десет пати поголеми плати од тоа кое што земаа нивните колеги во СЈО, па знаете како завршија со Луј Витон торбички, со хонорари исплатени кои се бројат во десетици, би рекол стотици илјади евра, а правдата гледаме како заврши – вели Мицкоски.

Во однос на тоа што има направено Владата во борба против криминалот и корупцијата, Мицкоски рече дека за разлика од претходно сега се отвораат истраги и се спроведуваат кривични пријави до правосудните органи.

-Еден врховен судија е фатен на дело како зема мито. Во тој случај заедно е замешан поранешен висок функционер во Обвинителството и во тој момент член на Советот на јавни обвинители, нешто што да речеме во минатото беше невозможно. За многу случаи од минатата влада се поднесоа кривични пријави, се почнаа истраги, дел од нив се во бегство, дел се тука, отпочнати се судски процеси. Имаме еден директно кој што беше директор во здравствен установа која што беше фатен со мито и беше приведен. Имаме директор кој што е дел од структурата на ВМРО-ДПМНЕ кој што исто така беше фатен со мито и сега е во притвор итн – посочи премиерот.

Мицкоски нагласи дека обвинителите и судиите не ја искористиле шансата да спроведат правда, потенцирајќи дека на сите анкети направени судството и обвинителството имаат најмала доверба од страна на граѓаните.

– Ние од прв ден рековме дека нема да влеземе и да правиме естрада, рековме дека ќе се бориме против криминалот и корупцијата, така и се однесуваме рековме дека ќе дадеме шанса, но не ја искористија таа шанса. Дали има некој во државата граѓанин што мисли дека овие членови во судскиот совет и обвинители се кредибилни личности во борба против криминалот и корупцијата? Јас не мислам и тоа го покажуваат бројките. На било кој анкета направена ќе видете дека граѓаните најмала доверба имаат во обвинителите и судиите – дециден е Мицкоски.