„Студентски отпор“ упатува апел до сите пратенички групи во Собранието денеска како последен ден од рокот за поднесување на амандмани на Буџетот за 2023 година да се излезе во пресрет на студентите и да се зголемат средствата што ги предвиделе од Министерството за образование и наука (МОН).
– Имено во предлог-буџетот за 2023 година, забележуваме значително намалување и тоа во ставката наменета за „ученички стандард“ за 19,72 проценти, ставката за „студентски стандард“ намалена за 17,96 отсто, ставката наменета за „наука“ намалена за 30,87 посто и ставката наменета за „инвестиции во образованието“ намалена за 17,24 проценти. Особено сме загрижени од намалувањето на предвидените средства во однос на 2022 година за „изградба и реконструкција на студентски домови“ за 31 посто и „енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови“ за дури 46 отсто – се вели во соопштението од Студентскиот отпор за правата на студентите.
Оттаму бараат пратеничките групи да поднесат амандмани со кои се предвидува зголемување на овие ставки и да се престане со штедење и намалување на средства кои, како што велат, се директно на штета на младите луѓе во земјава.
– Со зголемување на средствата бараме зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 160 денари и задржување на постојните критериуми, но исто така бараме во студентските домови да има повисок квалитет на храна и лифтовите да работат во текот на целиот ден. Во делот на инвестициите во образованието бараме да се предвидат средства за реконструкција на сите студентски домови. Само во овие три програми (студентски стандард, ученички стандард и инвестиции во образованието) Владата за 2023 година предвидува речиси 500 милиони денари помалку отколку со Буџетот за 2022 година. Уште еднаш ги замолуваме пратениците да поднесат амандмани за зголемување на овие ставки за доброто на младите кои се иднината на секоја држава – се вели во барањето на „Студентски отпор“.