Движењето Студентски отпор за правда на студентите реагира на тоа што на студентите сѐ уште не им се исплатени средствата за субвенциониран студентски оброк и најавуваат дека доколку не добијат информации кога тоа ќе се случи ќе организираат протести.
– Според законското решение кое беше донесено пред само неколку месеци беше предвидена исплата на средствата за субвенциониран студентски оброк до 15 декември оваа година. Конкурсот за аплицирање траеше до 3 декември, а студентите се уште немаат добиено повратна информација од МОН и не знаат кога ќе им бидат исплатени средствата. Ние предупредувавме уште кога се носеше ова конфузно законско решение дека нема да ги даде посакуваните резултати и дека ќе биде на штета на студентите – велат од Студентски отпор за правда на студентите.
Тие упатуваат повик до оние кои преговарале во име на студентите да се изјаснат по однос на новонастанатата ситуација, а од МОН и министерот за образование и наука бараат одговор кога студентите ќе ги добијат финансиските средства што законски им следуваат. Доколку не добиеме одговор, велат оттаму, ќе пристапат кон организирање масовни студентски демонстрации.