Фото: ССКЛ/ЗКЛМ

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) има право да организира штрајк и за тоа има овластувања од гранковиот синдикат, а постапката за организирање на штрајкот најавен за 20. месецов што беше забранет со судско решение на барање на раководството на М-НАВ, е спроведена како што треба, за што има и соодветна документација, изјави денеска Александар Тасевски, претседател на М-НАВ.

Тасевски ги оцени како паушални тврдењата што претходно денеска ги изнесе правниот застапник на М-НАВ  Горан Николоски дека се издржани и законски аргументите со кои Основниот граѓански  суд го забрани штрајкот што го најави овој синдикат на 20. месецов.

– Николоски рече дека „Судот правилно утврдил оти известувањето за штрајк не содржи барање за заштита на права од работен однос, дека не е спроведена постапка за заштита од работен однос и оти ССКЛ како подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски нема правен легитимитет да организира, реализира и спроведува штрајкови“. Според законот се предвидува дека кој било синдикат вертикално, дали е тоа синдикат на работодавачи,  синдикат на гранка или сојузот на синдикати има право да организира штрајк. Од тој аспект и ние имаме комплетно право. Во спротивно ниту еден синдикат во државава нема да може да повика на штрајк бидејќи со Законот за работни односи од 2014 година на сите синдикати им го земаа правниот легитимитет и ставија обврска да мора да бидеме дел од некоја гранка за да постоиме. Тоа го направија уште тогаш тенденциозно за да можат да влијаат врз работењето на синдикалните организации на ниво на работодавач, рече Тасевски, посочувајќи дека ССКЛ има овластување од гранката за преговори за колективи договори, застапување на вработените и организирање штрајкови. И директорите на М-НАВ – потенцираше, во комуникацијата се обраќаат на ССКЛ.

За тврдењето на адвокатот Николоски дека во известувањето за штрајкот не се наведени барања  и оти го организира од лични интереси, упати на претходно споделените документи за сите случувања околу штрајкот којшто овој Синдикат првпат го најави во 2023 година кога и беше потпишана Спогодба со којашто се стави во мирување, но поради неисполнување на точките повторно беше најавуван во неколку наврати.

Во дел од известувањето за последниот најавен  штрајк на 20. октомври Тасевски рече дека пишува оти се бара спроведување на сите преостанати точките од Спогодбата. Тие, вели, многу добро знаат што е спроведено а што не. Од сите девет точки, три се реализирани, а шест не, рече Тасевски.

Прашан дали ако повторно одат на штрајк во следното известување ќе бидат наведени барањата за заштита од работен однос и постапката за помирување, Тасевски рече дека не може да ги наведа затаа што во тој случај ќе треба да почне нова.

– Не можам да почнам постапка што е веќе констатирана од помирувач  од листа на помирувачи од Министерството за труд и социјална политика – рече Тасевски, посочувајќи дека директорите можат да ги најдат сите документи.

Претседателот на ССКЛ како аргумент на запазената постапка за штрајкот наведе и дека по упадот во  М-НАВ во јануари 2024 година кога беше наложено да се провери работењето на Контролата на летање Трудовиот инспекторат тогаш извршил увид и во ССКЛ и, како што рече, констатирал дека постапката  е целосно запазена и оти нема никакви правни пречки

ССКЛ бара почитување на Спогодбата потпишана по најавата за штрајк во 2023 година и состанокот во Министерството за транспорт од 12 октомври. Клучни барања на ССКЛ се ангажирање консултантска фирма којашто професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието, вработување на стручни, а не, како што тврдат, партиски кадри на конкурсите за кои бараа поништување, како и подобри услови за работа.

Минатата недела ССКЛМ најави дека ќе ја обжали одлуката на Граѓанскиот суд со времена мерка за забрана на штрајкот, што овој Синдикат требаше да го реализира завчера, како и дека ќе побараат предметот повторно да биде вратен на рочиште за да ја изложат својата одбрана.


 

Правниот застапник на М-НАВ: Забраната за штрајк на ССКЛ е законска, не сме побарале забрана на синдикално делување и на идни штрајкови

Наоѓањата на Граѓанскиот суд за забрана на штрајкот што на 20. месецов го најави Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ се апсолутно вистинити и законски основани. Решението е донесено од искусен судија кој има оставено белег во судот, оцени денеска Горан Николоски, овластен застапник на М-НАВ А.Д.

– Барањето за забрана на штрајк се однесува за точно најавен штрајк, со точно определени датуми и планови и програми за делување. Станува збор за целосна забрана на штрајк, кој е незаконски, а М – НАВ не побарал забрана на синдикално делувањето и на сите идни штрајкови – рече Николоски на прес-конференција, пренесувајќи го ставот на УО на М-НАВ дека организирањето на штрајкот е лична одмазда од Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.

Според Николоски, „Судот правилно утврдил дека известувањето за штрајк не содржи барање за заштита на права од работен однос, дека не е спроведена постапка за заштита од работен однос и оти ССКЛ како подружница нема правен легитимитет да организира, реализира и спроведува штрајкови“.

 

– ССКЛ е организиран како подружница на Независниот синдикат за сообраќај и врски. ССКЛ со оглед на начинот на кој е  регистриран нема правен легитимитет и правен субјективитет и не може самостојно да презема дејство. Целокупното постоење и функционирање е исклучиво во рамки на Независниот синдикат. Согласно позитивните прописи секој регистриран синдикат задолжително се запишува во регистарот на синдикати што се води во надлежното Министерство. Во тој регистар под реден број 65 е запишан Независниот синдикат за сообраќај и врски, а никаде не е запишана ССКЛ и согласно тоа не можеме да кажеме дека станува збор за синдикат кој презема мерки на основа на закон – рече Николоски.

Тој  дополни дека организирањето на подружницата како Синдикат воопшто не постои во правниот систем на државата. – Во правниот систем организирањето на подружниците постои согласно Закон за трговски друштва, каде се организираат подружници на трговските друштва,  постои подружница определана во Законот за здружение на граѓани и фондации. Синдикатите се организираат и основаат единствено на база на одредбите на Законот за трговски друштва. Одлуката на Судот е законска и транспарентна, наведе Николоски.

Како што укажа, причините за организирање на штрајкот апсолутно се нејасни за УО на М-НАВ и вработените.

– М НАВ е државна компанија со високо ниво на заштита на работничките права, за услови за работа, плата и останати права  кои се обезбедени и заштитени.  Доколку станува збор за вистинска заштита на работнички права со која треба да се поправат или унапред тоа треба да биде организирано на база на синдикално делување каде со мнозинство од членовите на синдикатот треба да се донесе одлука за стапување во штрајк – посочи адвокатот на М-НАВ.

Дополни и дека УО на М -НАВ „со право констатира оти организирањето на штрајкот и обидот за негово спроведување е лична одмазда од Александар Тасевски, кој е претседател на Независниот синдикат и на подружницата ССКЛ.

– Веруваме дека станува збор за негова лична одмазда. И пред најавувањето на штрајот на прес-конференции сееше страв во јавноста дека ќе ни паѓаат авиони дека Македонија ќе биде центар на авионски несреќи. Со таквите изјави не само што се внесуваше страв меѓу населението, корисниците и пилотите, а се создаваше паника и кај контролорите на летање кои ги користеа системите. Од тогаш досега не се случија никави несреќи а и нема да се случат затоа што станува збор за професионалци. Причина  зошто е ова одмазничко однесување,  би истакнал согласно еден поранешен премиер, којшто велеше семејна фирма до трето колено. Прашајте го Тасевски каде бил вработен неговиот татко, дали во М-НАВ и правните претходници, каде бил вработен неговиот дедо, неговиот брат, и дали кога неговата ќерка и брат не успале да влезат кај него се создава желба за лична одмазда – рече Николоски.

Не е точно, посочи тој, дека Тасевски воопшто не бил запознаен со поднесеното барање за забрана на штрајкот за што  беше известен на сите четири мејл адреси. Поканата за рочиште му беше веднаш доставена. Изјавата дека биле спречени да присуствуваат на рочиштето се апсолутно неосновани затоа што ако имаше намера да се присуствува немаше да се избегнува доставата, рече адвокатот на М-НАВ.

За тврдењето на М-НАВ дека штрајкот што беше забранет  е продолжение на најавениот штрајкот од 2023 година и оти е завршен процесот на помирување, Николоски наведе дека штрајкот од 2023 е завршен и прекинат со Спогодба.

– Дури и да станува збор за реактивирање, во известувањето мора да ставите  што од Спогодбата не е спроведено. Доколку постојат  реални прични за штрајк Независниот синдкат за сообраќај и врски во кој како подружница е регистриран ССКЛ има право со конкретни барања за заштита од работен однос да организира штрајк.Такви барања воопшто не се доставени – оцени Николоски.