Извадоци од книгата „Разнесено наследство“, 2006 г., која всушност е адаптирана верзија на истражувачка серија написи во весникот „Нова Македонија“ во ноември 1998 година

Нове Цветаноски: Разнесено наследство (3)

Во четириесеттите години на деветнаесеттиот век, Хрватот Антун Михановиќ бил австриски конзул во Солун. Освен конзулската, имал уште една работа што ја вршел со страст – собирал стари македонски ракописи и за таа цел ја прокрстарил Македонија, а ги посетил и манастирите на Света Гора. Тој е првиот плански собирач на стари ракописи низ македонската земја, ги изнудувал како подароци, ги земал на заем или ги купувал.
За него, меѓу другото, во „Цариградски вестник“ (бр. 208, од 1.1.1855 година) Јордан Хаџи Константинов–Џинот запишал дека во 1842 година само од Лесновскиот манастир зел три товари ракописи. Откако ги зел, некој ги подучил кратовчани да си ги земат назад и му се пожалиле на Авзи-паша во Скопје. Сепак, Михановиќ успеал да задржи кај себе 17 ракописи, а другите не биле вратени во Лесновскиот манастир, туку биле растурени ваму-таму во Скопје. За да ги добие ракописите, тој плаќал за нив, па откако се прочул како откупувач што добро плаќа, кај него во Солун доаѓале лица што му нуделе ракописи за продажба.

По смртта на Михановиќ, во 1861 година, неговите наследници му ја продале неговата ракописна збирка на бискупот Јурај Штросмаер, а уште тие години тој ги предал ракописите во загрепската академија, денес – Хрватската академија на науките и уметностите (поранешна ЈАЗУ). Досега не се најдени историски извори што ќе ја откријат судбината на сите ракописи што Михановиќ ги зел од Македонија, но сепак, нешто од нив е зачувано и денес во архивот на ХАЗУ има негова збирка со 38 ракописи од Македонија (од кои 10 од споменатите лесновски ракописи). Позначајни ракописни споменици од збирката на Михановиќ се: Изборното евангелие на поп Јован од крајот на 12 или од почетокот на 13 век, Радомировото изборно евангелие од средината на 13 век што ѝ припаѓа на Кратовската книжевна школа, Богдановото петраевангелие, Вранешничкиот апостол и еден октоих (наречен Михановиќев октоих, со 112 пергаментни листови) – сите од 13 век, крмчија иловачка од 1263 година (со записи од Скопје и од Марковиот манастир), а во збирката има и седум ракописи што потекнуваат од 14 век, меѓу кои и Михановиќевото македонско евангелие (со 146 пергаментни листови и 11 парчиња од листови). Всушност, ракописите од оваа збирка што се чува во ХАЗУ потекнуваат првенствено од Лесновскиот, Прохорпчињскиот и Марковиот манастир, но и од светогорските манастири.
Во Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб има уште една поголема и позначајна збирка со македонски ракописи, собрани од босанскиот етнолог, археолог и фолклорист Стефан И. Верковиќ. Тој бил вклучен во тајната српска пропаганда во Јужна Србија, Албанија и Македонија, а од 1850 до 1875 година во Македонија престојувал како таен српски агент. Неговата агентурска работа била прикриена пред сè со собирачката дејност на фолклористички материјал, но и со собирање стари ракописи од манастирските и црковните библиотеки низ Македонија. Во 1857 година, во Серес, отворил антикварница и ја развил трговијата со македонски ракописи. Освен што му ги предавал на Друштвото на српската словесност во Белград, Верковиќ ракописите ги продавал и во Русија и во Бугарија, а некои зачувал за себе. Само во Народната библиотека во Санкт Петербург денес се зачувани 71 ракопис што ги собрал тој.

Но словенски ракописи од православна провениенција, односно македонски ракописи што ги собирал Верковиќ, стигнале и во католичка Хрватска. Во неговата збирка во ХАЗУ се наоѓаат дваесет ракописи што се земени од Слепченскиот манастир „Свети Јован Крстител“ кај Демир Хисар.
По смртта на Верковиќ (умрел во 1893 година, две години по престојот во Русија, каде што продавал македонски ракописи), односно во 1902 година, ракописите на Верковиќ случајно се пренесени во Загреб (каде што и претходно тој имал оставено ракописи на чување), а меѓу позначајните се: Слепченското тетраевангелие, октоих – и двата од 14 век, посен триод од крајот на 13 или од почетокот на 14 век, службеник од крајот на 14 век, Житошкото четвороевангелие и уште едно четвороевангелие од 16 век.
Освен овие две збирки, во Хрватската академија на науките и уметностите има и друг ракописен фонд со македонско потекло. Во архивот на Академијата се чуваат: триод посен и цветен од Охридската школа од првата половина на 13 век, пракс-апостол и Битолски изборен октоих од 13 век, битолски службеник и Лесновско изборно евангелие (двете од 14 век), зборникот на Владислав Граматик од 1469 година и едно четвороевангелие од Скопско од првата половина на 15 век. Во архивот на ХАЗУ се чуваат и 15 фрагменти од стари словенски ракописи, од кои еден дел се од Македонија, меѓу кои и еден пергаментен лист од евангелие по Матеј, напишан на крајот на 13 век на Света Гора.

Освен во ХАЗУ (во која има вкупно дури 113), стари македонски ракописи има и во други хрватски библиотеки, музеи и научни установи. Во Националната и универзитетска библиотека во Загреб има 21 ракопис, меѓу кои, на пример, се чува дел од посен триод од првата половина на 13 век. Еден ракопис се чува и во Градската библиотека на Загреб, а во Историскиот музеј на Хрватска има 56. Стари ракописи од Македонија има и во научните библиотеки во Задар и во Дубровник, но и во Цавтат (во збирката на Валтазар Богишиќ), како и во Книнско Поле, Мокро Поле и Шибеник (евидентирани како сопственост на Српската православна црква, а за кои нема сознанија за нивното зачувување по српско-хрватската војна во деведесеттите години на дваесеттиот век).
Стари ракописи што потекнуваат од Македонија се зачувани и во Словенија. Во Универзитетската библиотека во Љубљана, пак, се чува Копитаровиот македонски посен триод од средината на 13 век и ѝ припаѓа на Кратовската книжевна школа. Тој е пергаментен ракопис, но всушност се зачувани само негови делови, односно само 72 листа.
Македонски ракописи и книги има и во други градови низ Европа, но и во приватни колекции. Во Македонија малку ги има (повеќе од 400), а во светот неколкупати повеќе. Му припаѓаат на македонското духовно и културно наследство, но не и на македонската наука и на народот којшто ги создал, бидејќи е узурпирано нивното наследно право во време на туѓи владеења, војни и со пљачкашка пасија.

(Продолжува)