Се надевам нема да гледаме премногу билатерални прашања коишто ќе го попречат процесот на проширување на ЕУ во иднина. Jа поттикнуваме Северна Македонија да оди напред кон отворање на првиот Кластер што е можно побрзо, како и да ги усвои уставните измени што беа договорени, изјави денеска финскиот министер за европски прашања Јоаким Странд, на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Странд нагласи дека Финска ги охрабрува земјава како и останатите држави од Западен Балкан да го искористат овој момент, и повтори дека нема да се повторуваат вакви билатерални прашања што ќе го попречуваат пристапниот процес.
-Оваа земја е во срцето на Европа и нејзиното место е во ЕУ. Сите земји си имаат историја. И сега можеме да најдеме стотина проблеми во земјите-членки на ЕУ, така што се надевам дека ова ќе се реши на позитивен начин и дека ќе може да продолжиме понатаму – рече Странд.
Тој ја поздрави државава за остварениот напредок на економски раст и на Реформската агенда, каде што, како што нагласи, земјата е предводник во добивањето финансии во согласност со Планот за раст на Западен Балкан.
-Ја поттикнуваме Северна Македонија да продолжи да испорачува неопходни реформи особено од областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Би сакале да и се заблагодариме на Северна Македонија за своите добри резултати и за усогласувањето со надворешната и безбедносна политика на ЕУ во денешниот геополитички контекст, тоа е неверојатно многу вреднувано – рече Странд.
Финскиот министер подвлече дека во моменталната безбедносна ситуација во Европа треба да го засилиме единството и да работиме уште поинтензивно да се интегрираме економски во Европа – обединета Европа. Проширена Европска Унија ќе ја зајакне нашата безбедност и ќе ги направи нашите економии поотпорни и ќе им донесе просперитет на луѓето.
На новинарско прашање што доколку и по Нова година не се придвижат работите на планот на ЕУ за земјава, Странд одговори дека тоа што во моментиот Албанија и Црна Гора се движат побрзо го гледа како позитивен момент за цел Западен Балкан.
-Ако продолжите да работите со амбицијата којашто ја имате и со резултатите што ги дава господинот Муртезани, немам кај мене загрженост дека ќе заостанете, дури мислам и дека ќе забрзате, и ќе се приближите до овие две земји – рече Странд.
На прашањето за реформите, посебно во областа на животната средина, Странд кажа дека има многу нешта кои треба да се сторат кога ги разгледуваме различните кластери, области и сектори.
-Но кога санува збор за животната средина ниту една земја нема да биде стопроценти подготвена кога ќе стане членка на ЕУ. Треба да има доволно напредок, но треба уште многу алатки да се воведат и нешта да се направат по членството што се поврзани со животната средина. Јас лично доѓам од земја којашто дава голем нагласок на зелените технологии, на транзицијата и на знам дека има многу компании во Финска кои се подготвени да помогнат да изработите решенија за управување со отпадот, управување со водите, енергетска ефикасност, балансирање на струјата, обновливи извори на енергија. Затоа мислам дека е убаво да направиме што е можно повеќе напредок а потоа кога ќе станете членка да работиме и понатам – одговори тој.
Како што истакна Странд, борбата против корупцијата и владеењето на правото се многу поважни теми но се разбира, рече, треба да се нагласат и нештата поврзани со животната средина, но тие нешта ќе бидат и полесни за справување како членка на ЕУ.
Министерот Муртезани, од своја страна, изрази искрена благодарност за доследната и принципиелна поддршка на Финска, оценувајќи дека таа останува меѓу најгласните поддржувачи на европската интеграција на Северна Македонија. Во оваа насока, министерот се осврна на реализираните твининг проекти со фински институции и на подготвеноста за нивно продлабочување во областа на јавната администрација, медиумите и дигиталната трансформација.