Фото: Принтскрин

Денеска стоиме овде за да смениме нешто во оваа држава. Бараме само правда, но вистинска правда за нашите деца и за генерациите кои ќе дојдат после нас, порачаа денеска пред Анкетната комисија родителите на настраданите во дискотеката „Пулс“.

Тие се пожалија дека со нив се манипулира и дека се уште не ги добиле одговорите на, како што истакнаа, клучните прашања.

-Не сме тука за некој да манипулира со нас. За мене ова претставува злосторничко здружување – смртоносна недела, загрозување на уставниот поредок и безбедноста, што доведе до насилна и прерана смрт на неколку генерации млади кои беа на концерт на групата ДНК. Децата не беа во диско, туку на концерт. Можеше секој од нас да се најде таму. Кој ни ја гарантира безбедноста? Откога се случи трагедијата, од тој датум до денес, од вас не добив одговор. Кога ќе го видам документот кој ја потпишал акциската контрола? Кој ја потпишал полициската контрола во Кочани таа ноќ? на ова сакам да ми одговри министерот за внатрешни работи Тошковски. Во 12 часот сите биле од СВР Штип и ОВР Кочани пред дискотеката, во 12 часот. Во 12 да се почнело со рацијата нашите деца ќе беа живи, немаше да бидат мртви – рече мајка на една од жртвите во пожарот.

Напоменувајќи дека сите треба да чувствуваат морална одговорност, таа му се обрати и на премиерот, укажувајќи дека до денес не добила одговор на овие прашања.

-Не видовме денеска ништо во врска со нашата правда. Се срамам што сум дел од ваква држава. Требаше да ја послушам ќерката и да се иселам. Зборувате дека треба системот да се смени, а вие сте тие што треба да го смените. Прво сакавте да манипулирате со нас родителите, тоа беше срамно. Девет месеци никој од вас не се појави во Кочани да ни подаде рака, да ни изрази сочувство. Бараме вистинска правда за нашите деца. Како обични граѓани стоиме пред вас, не само како родители туку и како граѓани. Секој ден од земјава си одат млади, а и гинат, но не од нас, туку од вас, вие седите на тие столчиња, истакна друга мајка на загинато дете во трагедијата.

Иван Ивановски од „Супорт Кочани“ напомена дека вистината за случајот мора да се дознае.

-Ние сме последната генерација што може да смени нешто и да знаете дека нема да се откажеме, ќе се бориме до крај. Како не ви е срам, вие се препукувате пред нас и уште не почната расправа барате пауза од еден час. Ако ова за некој е само уште една политичка активност, тогаш подобро да не учествува во дискусијата. Родителите девет месеци немаат спиено, а вие пауза барате. Нема да не фатите на кондиција, се ќе направиме што треба. Родителите остануваат на ставот да се дознае вистината и да не се шушка зад врати, да не се манипулира. Ова не е прашање за политика, туку за животот на тие што остана во Кочани. Кога беа амбасадите ни кажаа дека од паралелка од 20 деца во Кочани 18 деца сакаат да се иселат од Кочани – нагласи Ивановски.

Од „Кој е следен“ потенцираа дека политичка одговорност мора да има.

Според Реџеп Исмаил од Левица, очигледно е системското потрфрлање и децентрализацијата мора да се смени, локалните единици мора да станат функционални. Тој ја лоцираше одговорноста за „Пулс“ во Градежниот инспекторат на Општината, Дирекцијата за заштита и спсување, Министерството за економија, МВР, Државниот пазарен инспекторат, Инспекторатот за труд.

Неговата сопартијка Јована Мојсоска заклучи дека Собранието не успеа да се надминеме себе си и на оваа трагедија да и даде приоритет. 

-Не успеавме да покажеме емпатија и оваа тема да ја ставиме на пиедестал во Собранието. Оваа трагедија треба да биде аларм. За девет месеци немаме донесено ниту едно зкаонско решение во однос на пропустите. Што е констатирано при вонредниот инспекциски надзор на дивоградбите? Ни ние како пратении немаме информации од институциите што прземаат во однос на трагедијата во Кочани. Сите прашања се легитимни и никој не треба да не цензурира со обвинувања за наводни лешинарења или злоупотреби зашто не злоупотребуваат тие што баарат одговори, туку оние што носеле закони изминатите 35 години. Ни се случуваат колективни порази постојано, апелирам да не се замолчува гласот на оние кои барат правда и одговори – рече Мојсоска.

Сали Мурати, Оливер Спасовски и Блерим Беџети ветија поддршка во насока на разрешување на случајот.

-Ќе имате целосна поддршка согласно уставените и деловничките надлежности на оваа Комисија. Ние сме можеби единствената пратеничка група што иницираше надзорна расправа. Имаме обврска за секоја неправда да покренеме глас. Тука сме за законската и моралната одговорност, но, за жал, овие работи се мешаат. Се врши селективна правда. Точно се знае кога се случи трагедијата. Ако некој функицонер од нашата партија згрешил, нема да го браниме, туку ќе треба да одговара. Не штитиме никого како пратеничка група, ќе дадеме максимален придонес и иако се разликвам во однос на вашите гледишта, бараме разбирање од вас – истакна Беџети

Моника Зајкова од ЛДП реагираше дека пристапот на Анкетната комисија е погрешен.

-Почнавме со погрешен пристап, со драма, никој не може да ја сфати болката на луѓето, Анетната комисија треба да се движи во насока на утврдување на хронологијата на фактите и околносите за да утврдиме кои луѓе ќе ги повикаме и сослушаме. Институциите тука треба да дадат одговор, не сме истражители и правосудни органи, но за да дојдеме до политичка одговорност, треба така да ја тераме расправата. Да не се дозволи случајот да заврши како „змиско око“, со куп обвинети и на крај со застарени дела – рече Зајкова.

Седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, на чиј дневен ред е претставката поднесена од Здружение на граѓани „16 март 2025 Кочани“, во јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани, почна со едноминутно молчење, а присутните изразија сочувство до семејствата на настраданите во пожарот.