На денешната панел-дискусија „Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа“ одржана по повод една година Влада, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ зборуваше за затекнатите проблеми при стапувањето на функцијата, но и за тоа што сѐ е направено во изминатиот период.
– Кога ќе го слушнете премиерот како вели дека затекнавме држава со разрушени темели, тоа најдобро може да се отслика во состојбата која ја затекнав во Министерството за односи меѓу заедниците. Со оглед на тоа дека таму работата се одвивала надвор од правилата и прописите, надвор од законите и Уставот на нашата држава, првото нешто што направивме беше да усвоиме Стратешки план за работа, кој, од една страна, предивидува и стабилизација на меѓунационалните односи и воспостувавање на политичка стабилност како неопходен услов за економски развој на државата и кога го завршивме тој процес, работите почнаа полека да се одвиваат. Она што посебно би го истакнал меѓу реализираните проекти е тоа дека од времето на претходниот министер до денес, односно до Буџетот со кој јас располагам, трошоците се намалени за 60 %, што значи дека сите непродуктивни трошоци успеавме да ги укинеме и сѐ што на некој начин било претходно неодговорно работење не постои повеќе – рече Стоилковиќ и истакна дека останува приоритет заложбата за подобро организирана јавна администрација која побргу и поквалитетно ќе ги исполнува своите обврски, во согласност со Стратегијата за реформа на јавна администрација на Советот за реформа на јавната администрација, што значи – Веќе нема седење дома и земање плата. Појасни и дека се финализира постапката за преземање на нераспоредените административни службеници од МОЗ.
– Успеавме да донесеме нова програма за одбележување на деновите на сите етнички заедници и мислам дека веќе промената се чувствува. Последната работа која би сакал да ја споменам е конкурсот за финансирање здруженија и невладини организации и зошто средствата се распределни на тој начин. Би сакал уште еднаш пред македонската јавност да појаснам, бидејќи е време на реформи, време на комплетни промени и она што беше не смее да се повтори, и суштината на МОЗ е сосема промената и освен за припадниците на помалите етнички заедници мораме да се погрижиме и за некои темелни определби на државата како што е борбата против корупцијата. И она што е најбитно, сите сметаат дека министерот носи интерни одлуки за распределба на средствата, што сега не е случај, бидејќи јас намерно се исклучив од процесот на донесување одлука и тоа го препуштив на комисија од 7 члена, претставници на скоро сите министерства. Ова беше со цел да се избегнат сите коментари дека министерот ги користел своите овластувања, па спротивно на препораките си ги менувал одлуките за доделување средства како што му одговара – истакна Стоилковиќ, на крајот уште еднаш потенцирајќи дека функционирањето на МОЗ е напреднато до степен што секој што ќе дојде после него ќе влезе во една добро уредена куќа, куќа со солидни темели и ќе може да продолжи нормално да функционира непречено.