Стипендии – за одлив на мозоци (втор дел)

Ѓорѓи Илиевски,
виш просветен инспектор во пензија

Анализата на Државниот завод за ревизија на Република Македонија (ДЗР) покажува дека во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовни кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошиле 44,7 милијарди денари. Одливот на високообразовните кадри ја чини државата 0,8 отсто од годишниот БДП.

Иако од Владата е усвоена Резолуцијата за миграционата политика, со посебна стратешка цел насочена кон намален интензитет на трајната емиграција во странство, со посебен фокус на лицата со високо ниво на образование, но, како што констатира ДЗР, не е воспоставен мониторинг, на имплементација на мерките и активностите од истата таа, а усвојувањето нови стратешки документи е без оценување и евалуација на резултатите од претходните.

Која е забелешката на Државниот завод за ревизија

Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовни и стручни кадри 2013-2020 година е единствениот стратешки документ за јавни политики во кој директно се адресира за „одливот на мозоци“, која не е објавена во „Службен весник“ и на веб-страницата на МОН, а отсуството на поткрепувачка документација за начинот на планирање и изработка на стратегијата не обезбедува веродостоен податок за вклученоста на сите релевантни институции во креирањето на стратешкиот документ. И со усвоениот Акциски план за 2013/2014 година, со активности, рокови на извршување, финансиски средства, извори на финансирање, надлежни тела за реализација на целите и индикатори за успешност, ревизорите на ДЗР на Република Македонија, утврдиле низок степен на имплементација на мерките и активностите од Акцискиот план, што се должи на недоволна координација на институциите/надлежните тела носители на мерки и активности и на формираната работна група (проектна единица) во рамките на МОН, која требало да воспостави национален систем за полесно следење и управување со движењето на високообразовни поединци во земјата, односно, како што констатираат ревизорите „не е воспоставен функционален систем за следење и управување со интелектуалната емиграција во Република Македонија, заради невоспоставена мрежа или база на податоци на македонските високообразовни лица кои живеат и работат во странство и неизвршена анализа на состојбите со миграцијата на високообразовен кадар, со бројот на емигрирани лица, образовен профил, старосен профил, со адресирање на причините за емиграција“.

Се доделуваат стипендии за втор и трет циклус на студии во странство без извршена анализа и утврдување кои студиски програми се од јавен интерес за државата и ќе бидат предмет на стипендирање, а МОН нема воспоставено ефикасен систем за следење дали студентите ги имаат исполнето обврските во согласност со објавениот конкурс и склучените договори. Ревизијата утврдила значителни разлики помеѓу бројот на одобрени квоти и бројот на запишани студенти, што укажува на недостиг од анализи за реално креирање на уписната политика, насочена кон усогласување на понудата и побарувачката и во корелација со политиките за економски развој на државата… Зошто доследно не се почитуваат и применуваат направените анализи и констатации од ревизијата извршена во периодот од 1.9.2023 до 31.12.2023 година на Државниот завод за ревизија (конечен извештај на темата „Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри“, април 2024 г.), каде што според извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) за 2020 година, Република Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според процените на Светската банка речиси 40 отсто од високообразовниот кадар ја има напуштено државата (од 41 европска земја), што јасно покажува дека државата се соочува со голем губиток на таленти?
Кој ги испушта талентите? Кој не се грижи за талентите? Има многу прашања.

Надминување на досегашната практика од стипендирањето за студии на универзитетите во странство

Потребно е да се согледа:

1. Идејата за стипендирање студенти за студии на универзитетите во странство е добра, но реализацијата и регулирањето на стипендирањето и условите за стипендирање се лоши.

2. Ниту најбогатата држава во светот не може да си дозволи да стипендира некого со државни средства, без цврста гаранција дека лицето ќе се врати во државата. Давањето државни средства на приватни лица за остварување лични желби не е во интерес на развојот на науката во државата и на државата воопшто.

3. Отворањето регистар за стипендираните лица не го решава проблемот. Во Конкурсот за 2025/2026 година, од страна на МОН е регулирано дека: „…по завршувањето на студиите и враќањето во Република Македонија кандидатот е должен да се пријави во Министерството за образование и наука и треба да се регистрира на Дигиталниот регистар на стипендисти на Министерството за образование и наука (https://e-registar.mon.gov.mk/)“. Ова решение не е соодветно на целта, кандидатите да се вратат во државата. Ако Министерството праќа некого на студии во странство и притоа му плаќа 40.000 УСД годишно, Министерството треба средствата да ги уплаќа директно на странскиот универзитет (можеби и сега е така, не знам?!), но истовремено, во директна комуникација со универзитетот, да бара и да добива податоци (најмалку двапати годишно) за текот и напредокот на студиите на стипендираниот кандидат.

4. Конкурсот предвидува кандидатот: „Да е примен на додипломски студии од прв циклус* за првпат во прва година во академската 2025/2026 година, на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата и генетиката, во согласност со последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при шангајскиот универзитет ’Џио Тонг’“. Тоа во практика би значело дека кандидатот стипендист по сопствена желба ќе конкурира на некој од странските универзитети, без претходна консултација со институциите во државата (универзитети, стопански комори, АВРМ и други) дали на Македонија ѝ треба таков кадар. Зошто тогаш некого би стипендирале од буџетски средства? Може да има повеќе одговори, на пример дека Министерството признава дека, на пример, образованието во економските науки и финансиите, архитектурата и други ни се на многу ниско ниво (во што не сум лично убеден). Второ, зошто некого би стипендирале да студира хемија во странство, кога научници од Институтот за хемија при ПМФ на УКИМ во Скопје се во топ 5 отсто на најцитираните во светот итн.

5. „…Кандидатот ќе биде ослободен од обврската да работи во Република Македонија по завршувањето на студиите доколку во рок од три месеци од дипломирањето се вработи во компанија од листата Fortune top 500 во странство. Во ваквите случаи тој може да остане во странство максимум три години со цел стекнување меѓународно корпоративно искуство…“. Тотална небулоза. Вие го стипендирате што побрзо да се врати во државата и да се стави во функција на нејзиниот развој, а од друга страна му оставате можност да се вработи во странство. Па, по три години работа во силна институција, тој сигурно нема да се врати, парите може да ги врати, може тие да бидат вратени и од страна на компанијата каде што ќе се вработи. И??? Уште повеќе, што понатаму, во конкурсот се наведува: „…Кандидатот може да биде ослободен од обврската да работи во Република Македонија по завршувањето на студиите доколку веднаш по завршувањето на студиите го продолжи своето образование на студии од втор и/или трет циклус во странство, за што уредно ќе го извести Министерството и ќе достави соодветни докази за истото тоа…“

6. Дали во практиката тоа може да изгледа вака? Некој ќе студира четири или пет години (во зависност од факултетот), ќе се запише на магистерски студии уште две години, па на докторски уште три, па ќе се вработи во компанија од Fortune top 500 уште три години, што значи дека ќе биде надвор од Република Македонија околу 12 години. И ќе се врати по 12 години? Еве и да не се врати, и да ги врати парите, а кој ќе ѝ го врати на државата изгубеното време, затоа што 12 години чекала да ѝ се врати некој стручњак од некоја област? Тоа значи дека Министерството за образование и наука ја погрешило инвестицијата. И сега, пак од почеток, нов конкурс, нови кандидати…

7. Решението дека ако средствата треба да се вратат, се враќаат во соодветен износ на средствата што се добиени. Ако тоа е така, тогаш тоа е бескаматен заем. И тоа воопшто не е во ред.

8. Државата (Македонија) треба да направи регистар кои кадри ѝ се потребни, кои кадри се дефицитарни, кои кадри и каде ќе се вработат кога ќе се вратат, да утврди критериуми за краткорочни и долгорочни потреби и конкурсите да бидат објавени со точен број на места за точно определен профил.

Со ваквиот чекор за надминување на досегашната практика од стипендирањето за студии на универзитетите во странство, нашата држава Македонија ќе потврди дека има стратегија, се грижи за потребите на државата од високообразовен кадар, а со тоа и да не се испуштаат талентите, односно да нема губиток на таленти.
Време е да не се работи како досега!