Ги следиме препораките, внимаваме на состојбата, како во земјата, така и надвор. Апелираме до луѓето кои патуваат, да внимаваат, да се заштитат, да држат дистанца. Патувањето во ризичните подрачја не се препорачува и затоа треба да бидеме исклучително одговорни, апелира Милена Стевановиќ, директорка на Универзитетска Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во врска со мајмунските сипаници.

Во гостување на Сител Телевизја, во Тема на денот, Стевановиќ посочи дека не треба да се потценува нашиот здравствен систем и оти сите пациенти ќе бидат следени, евидентирани и третирани на Клиниката за инфективни болести.

– Немојте да ја намалувате вредноста на нашиот систем. Нашиот систем е далеку од идеален, но е подготвен и цврсто стоиме на нашите нозе и имаме капацитет да се справиме со заразна болест. Во моментот кога ќе излезат комерцијалните тестови за сипаниците, ќе ги имаме и ние – додаде таа.

Во однос на инкубацијата за мајмунските сипаници, Стевановиќ појасни дека таа трае 21 ден, што значи дека човек може да биде инфициран до 21 ден, а да нема никакви симптоми, како што се појава на висока температура, главоболка, отекување на лимфните жлезди.

Како и секоја друга вирусна инфекција, така и кај мајмунските сипаници, таа вели дека најпогодени би биле младите, повозрасните лица и лицата со хронични болести.

– Прекинатите ланци на вакцинација, ќе доведе до појава на сериозни вирусни болести. Мојот апел е вакцинацијата да не престане и да не се дозволи пропуштање на вакцинацијата кај децата. Тоа е причина зошто ни се јавуваат поранешните вирусни болести – вели Стевановиќ.