Или како ентузијазмот ја прикрива безидејноста
Ентузијазмот е одличен двигател. НО (со големи букви), ова не треба да го прави некој ентузијаст, со сопствено време и пари (кои напати потенцирав дека се минимални), туку во конкретниот случај Министерството за култура! Ентузијазмот ќе помогне во прикрпување извесни дупки, но вакви темелни проекти од значење за нацијата треба да се во надлежност на Министерството за култура
Тони Димитров
Во минатата колумна се повикав на еден профил на социјалната мрежа Х, кој преку своите објави ги промовира македонското културно наследство, артефакти и уметност, алудирајќи на тоа колку сме свесни (или несвесни) за нивното постоење. Во своите понатамошни објави се обидуваше да го потенцира нивното значење, но и да ги промовира. Со сите сили настојуваше да најде начин како да го изведе тоа, во услови кога во 21 век не постојат официјални информации или инфотабли за тие уметнички дела, веб-страниците на музеите не се во функција или, пак, жителите на градот немаат поим за нивното постоење (за што, рака на срце, е потребна потемелна работа).
За многу кратко време, Изабела Левенска Миљаниќ (веќе го знаеме и идентитетот на профилот на Х) својот ентузијазам за промоцијата на уметноста го преточи во конкретен проект и деновиве ја претстави платформата за јавна уметност во Скопје, која ќе служи како дигитален водич низ уметничките дела на градот. Станува збор за платформата (или едноставен веб-сајт до кој се пристапува преку museumofpublicart.com), каде што има куси информации (име на делото, автор, година, биографија на авторот) за дваесетина уметнички дела од јавната уметност, споменици, скулптури, фонтани. За секое дело има генериран QR-код залепен до уметничкото дело за кое нема информативни обележја, а преку нивно скенирање добивате информација за делото во реално време, додека стоите пред скулптурата.
Со посветено време, истражување и вложени лични средства, таа најпрво започнува да ја документира историјата на скулптурите, муралите и јавните експонати, потоа ја создава оваа веб-страница што ги обединува нивните приказни. Идејата произлезе од лична иницијатива и љубов кон уметноста, како и од чувството на одговорност кон просторот што го делиме.
Нејзината цел е едноставна: на разбирлив и пристапен начин да ја доближи уметноста до секого – да поттикне љубопитност, восхит и гордост за културното богатство што нѐ опкружува. Од идеја до реализација ѝ беше потребно помалку од две недели (!), иако има уште многу споменици и скулптури што треба да ги мапира во иднина. QR-кодовите се испечатени на квалитетна хартија отпорна на дожд и сонце (што денес може да се направи во која било мала печатница). Целта на иницијативата е (внимавајте) да ја продолжи и во сите градови низ земјава, а можеби и во светот.
„Јас верувам дека градот зборува низ уметноста, која на својот универзален јазик комуницира со секој отворен за неа. Верувам и дека во тој интимен дијалог меѓу делото и неговиот набљудувач не треба да постои бариера. Се надевам дека платформата ќе ви помогне да имате убави искуства и дијалози со градот. Јас секако ќе продолжам да ви креирам нови содржини, со надеж дека ќе инспирирам и мотивирам некој за да создава слични вакви иницијативи“, наведува таа во една од своите објави.
Е сега… Сето ова е супер. Ентузијазмот е одличен двигател. НО (со големи букви), ова не треба да го прави некој ентузијаст, со сопствено време и пари (кои напати потенцирав дека се минимални), туку во конкретниот случај Министерството за култура! Ентузијазмот ќе помогне во прикрпување извесни дупки, но вакви темелни проекти од значење за нацијата треба да се во надлежност на Министерството за култура.
Случај два
Веќе со години панкерот, музички новинар и неуморен хроничар на сѐ што е поврзано со македонската популарна музика Тошо Филиповски се бори со системот, за да издаде рокенрол-енциклопедии и монографии за легендарни групи од рокенрол-историјата на Македонија, воедно и да создаде рокенрол-музеј во кој ќе се архивираат разни артефакти, плочи, плакати и сл. Тој, врз основа на насобраните информации и несопирливиот ентузијазам, издаде дузина од овие енциклопедии, како на пример „Македонска РОК енциклопедија“, каде што има 55 години музичка историја, биографии на 333 бенда и податоци за значајни групи што работеле на сцената од 1963 до 2018 година, потоа „Македонска дискографија – Винили: 1958-2019“, каде што има информации за винилите издадени во Македонија од 1958 до 2019 година, монографијата „Македонски рок-времеплов“, каде што на околу 400 страници се содржани најбитните датуми во македонската рокенрол-историја, хронолошки, за секој ден од годината. Потоа, напиша и објави биографска книга музичарот за Горан Трајкоски, но и за групата „Мизар“…
И сето тоа стана можно поради неговата неуморна борба со системот, критики упатени кон Министерството за култура, кое редовно ги одбива неговите проекти, и секако со неговиот незапирлив ентузијазам, кој го турка да ги пишува овие книги како посредник помеѓу сцената, новинарите, музичарите и публиката, но и историски темел за македонската рокенрол-сцена, како дел од нашата популарна култура.
НО (со големи букви), ова не треба да го прави некој ентузијаст (па макар бил и Тошо Филиповски) со сопствено време и пари, туку државата или во конкретниот случај Министерството за култура! Ентузијазмот ќе помогне во прикрпување извесни дупки, но вакви темелни проекти од значење за нацијата треба да се во надлежност на Министерството за култура.
Да, ентузијазмот е двигател на независната сцена, но рокенролот не е веќе бауч. Тој е дел од нашата култура или, ако сакате, културно наследство, колку и да се плитко неговите корени во нашата кревка историја.
Случај три
Кон почетокот на годинава во Културно-информативниот центар во Скопје се одржаа промоција на монографијата „Современа македонска фотографија 1945-2020“ и изложба на дела од Архивата на Фотосојузот на Македонија. Неуморниот ентузијазам на нејзиниот претседател Кирил Штрков успеа да го создаде ова капитално дело, единствено од ваков вид досега, со вовед во историскиот и креативен развој на фотографската уметност во Македонија, а претставува пресек на речиси 80-годишно творештво на автори членови на Фотосојузот на Македонија. Иако финансиран од Министерството, ваков проект, повторно, треба да е организиран и реализирани од страна на државата!
Зошто? Бидејќи е од витално значење за историјата на осмата уметност, која еднакво е дел од нашата култура или, ако сакате, културно наследство, колку и да се плитко нејзините корени во нашата кревка културна историја.
Конечно, ова не треба да го прави некој ентузијаст (па макар тоа бил и Фотосојузот), туку државата или, во конкретниот случај, Министерството за култура!
Наместо заклучок
Мислам дека поентата е јасна. Ова се евтини проекти, а се од витално значење за потенцирање на континуитетот на нацијата, без разлика дали се работи за културно наследство од пред еден милениум или современа уметност. Сите тие покажуваат дека постоиме, овде и сега.
Темелите на нацијата што треба да се вкопани во културата, треба да се задача на државата, а не на независната сцена, поединци и нивниот ентузијазам.
Историскиот континуитет на нацијата што се манифестира преку културата, културното наследство и артефактите треба да се негува и промовира од страна на државата, а со тоа се гради и зацврстува националниот идентитет.
Конечно, не треба ние ништо посебно да измислуваме. Сѐ е веќе измислено. Треба само да се имплементираат светски пракси од здраво втемелени нации или просто да се слуша гласниот ентузијазам на поединци и истиот тој да се поддржи. Сѐ друго се изговори за сопствената безидејност или неспособност.