Обдукција и идентификација при масовни несреќи врши Институт за судска медицина и криминалистика. Обдукција и идентификација мора да се направи за да се утврди идентитет и причини за смрт, за понатаму тие докази да се искористат во евентуални судските постапки. Директорот на Институт за судска медицина и криминалистика Александар Станков во изјава за МИА посочува дека друг начин за идентификација и докази не постои, со оглед дека нашата земја е член на Меѓународната организација за криминалистичка полиција – Интерпол.
– Луѓето треба да имаат трпение, оваа постапка на обдукција со идентификација ќе заврши оваа недела. И не постои никаков друг начин да се дојде до вистинската причина за смрт и вистинска идентификација освен обдукција. Впрочем, тоа го налагаат и протоколите издадени од Интерпол кои се однесуваат на идентификација на жртви при масовни несреќи – вели Станков за МИА.
Институтот за судска медицина постои повеќе од 70 години и ова, посочи Станков, не е прва масовна несреќа каде Институтот бил вклучен во идентификација на жртвите.
– Почнувајќи од земјотресот во Скопје, авионските и хеликоптерски несреќи, бродската несреќа, несреќата кај Ласкарци, изгорените во Тетово… целокупната постапка за идентификација одела преку Институтот за судска медицина. Ние сме и капацитети и доволно искусни да го спроведеме ова – изјави Станков.
По добивање на информацијата, Станков посочи дека во Институт се формирани тимови, но досега кај нив не е донесено ниту едно тело.
Во Општата болница во Кочани пристигнаа триесетина возила од погребните претпријатија и од АРМ, кои треба да ги транспортираат телата на загинатите на обдукција во Скопје, јави претходно дописникот на МИА од Кочани.
Во синоќешниот пожар во дискотеката во Кочани според првичните информации на МВР имало околу 500 лица, бројот на починати е 59, а 155 се повредени. Роднини и блиски на починатите се противат на ваквата одлука и спонтано го блокираа влезот во болницата.