Состојбата на сите 15 повредени во пожарот во Кочани кои се хоспитализирани во Бугарија, е стабилна, изјави синоќа бугарскиот министер за здравство Силви Кирилов за БТВ.
Нивното лекување продолжува, а најголем проблем за повредените, како што посочи, е вдишувањето гасови за време на пожарот.
– Имаме двајца екстубирани пациенти, можеме да кажеме дека се во добра општа состојба, а оние кои се на механичка вентилација се во тешка, но стабилна состојба – рече Кирилов.
Министерот Кирилов кажа дека во болниците во Софија, Варна и Пловдив се примени вкупно 15 лица, од кои само двајца се на возраст од 30 години, сите други се помлади, од кои пет се под 18 години.
Прашан дали може да се размислува за тоа дел од пациентите да се испуштат од болниците на домашно лекување, тој рече дека е рано да се зборува за тоа, бидејќи голем дел од пациентите имаат отворени рани кои се третираат, а за што веројатно ќе бидат потребни пластични операции.
– Има и оштетувања и на белите дробови и се уште е рано да се каже што, кога и како ќе се случи. Имаме уште многу долг пат – рече министерот Кирилов.